Почетна ЕкономијаДванаесет земји од ЕУ изразија подготвеност да ја финансираат Радио Слободна Европа

Дванаесет земји од ЕУ изразија подготвеност да ја финансираат Радио Слободна Европа

од nenad
2 минути читај за

Чешката иницијатива за обезбедување финансии за Радио Слободна Европа/Радио Слобода (РСЕ/РЛ), по одлуката на САД да ја повлечат финансиската поддршка, досега е поддржана од 12 држави членки на ЕУ, изјави чешкиот министер за Европската Унија, Мартин Дворжак.

Според Дворжак, покрај Чешка, кон иницијативата со која се демонстрира подготвеност на земјите кои поддржуваат да работат заедно за да пронајдат и осигураат соодветни финансиски средства за РСЕ, досега се приклучиле и Австрија, Белгија, Естонија, Германија, Данска, Летонија, Литванија, Словенија, Финска, Холандија и Шведска.

Чешкиот министер потенцираше дека разговорите за спасување на станицата, која претставува „сила за демократијата, човековите права и слободата на изразување“, се во тек и имаат „ветувачки“ изгледи.

Дворжак ја промовираше иницијативата за спас на РСЕ минатата недела на состанокот на европскиот Совет за општи работи, а за неа се дискутираше и на Самитот на ЕУ минатиот четврток. „Иницијативата го привлекува вниманието на сложената ситуација откако САД престанаа да го финансираат Радио Слободна Европа/Радио Слобода. Сметаме дека радиото е исклучително важен и функционален извор на независни информации за земјите на кои во моментов им недостасуваат демократија и слободни медиуми. Сметаме дека би било голема штета оваа институција да пропадне“, рече Дворжак при најавата на идејата.

Освен со одделни земји членки, Прага разговараше и со Европската комисија за иницијативата, а Дворжак оствари средба со еврокомесарот за буџет, борба против измами и јавна администрација, Пјотр Серафин. „Комесарот Серафин изрази голема поддршка, што беше многу пријатно за мене. Тој се уште не ги прецизираше ресурсите што би можеле да се искористат, но тоа ќе биде предмет на преговори“, рече Дворжак, додавајќи дека очекува поддршка и од еврокомесарот за меѓународни партнерства, Чехот Јозеф Сикела.

Дворжак оцени дека најдобро решение би било САД сепак да се откажат од идејата за запирање на финансирањето, па затоа Чешка ќе се обиде да ги убеди американските претставници „да го преразгледаат овој потег“. „Можеби резултатот ќе биде некаков компромис, па ќе можеме да преземеме само дел од финансирањето на европско ниво“, додаде Дворжак. сп/ Фото: МИА Архива. Извор: МИА.