Десет пациенти со подобрена здравствена состојба од болница одат дома, а властите најавуваат враќање на дел од повредените од странство под строго медицинско набљудување
Десет пациенти кои беа хоспитализирани по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани се пуштени на домашно лекување, откако нивната здравствена состојба се подобри, а токсиколошките анализи покажаа уредни резултати. Според здравствените власти, бројот на хоспитализирани се намалува, а во моментот 162 лица остануваат на болнички третман во земјата и во странство.
Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека повеќе нема да се организираат нови транспорти на пациенти во странство. Одредени медицински центри во другите држави веќе најавиле враќање на пациенти во Македонија, каде што ќе бидат подложени на дополнителни прегледи и контроли. Следен предизвик за лекарите ќе биде спречување на евентуални инфекции, за што ќе се преземат максимални мерки на претпазливост.
Поврзани објави
Од Клиниката за токсикологија нагласуваат дека пациентите нема да бидат испишани без детални проверки, бидејќи последиците од изложеноста на токсични гасови може да се појават и подоцна. Моментално, најголем број хоспитализирани има во ГОБ „8-ми Септември“, хируршката клиника „Свети Наум Охридски“ и приватните болници „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“.
Фото: принтскрин социјални мрежи и Јутјуб