Почетна МакедонијаИлир Мета останува во затворски притвор, Врховниот суд го одби барањето за поблага мерка

Илир Мета останува во затворски притвор, Врховниот суд го одби барањето за поблага мерка

од nenad
1 минути читај за

Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на опозициската Партија на слободата, Илир Мета, останува во затворски притвор, одлучи Врховниот суд, отфрлајќи го барањето за смена на оваа, со поблага безбедносна мерка, со што ја потврди одлуката на апелацискиот суд.

Замена на мерката „затворски притвор“ Мета побарал со образложение дека  „се попречува неговата политичка кариера и развојот на изборната кампања, бидејќи парламентарните избори се одржуваат на 11 мај“.

По налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, беше уапсен на 21 октомври минатата година, под обвинение „пасивна корупција“, „перење пари“ и „прикривање имот“.

Во аудио пораката дистрибуирана на социјалните мрежи, по одлуката на Судот, Мета, најави „брзо движење кон Судот за човекови права во Стразбур“. Тој го обвини Специјалното обвинителство дека дејствувало по наредба на премиерот Еди Рама, за да ја нападне опозицијата и Партијата на слободата, предводена од него, во пресрет на парламентарните избори. Во неговата аудио порака, ги повикува Албанците на 11 мај да гласаат за „рушење на наркодржавниот режим“.

Мета (56) претседател на Албанија беше во периодот од 2017 до 2022 година, по што повторно застана на чело на партијата Социјалистичко движење за интеграција, чие име го смени во Партија на слободата.

Тричленото судско тело на Врховниот суд не ја смени ниту мерката за пратеничката на Партијата на слободата, поранешната сопруга на Мета, Моника Круемади, потврдувајќи и ја мерката задолжително јавување во Специјалниот суд. Таа е под истрага поради сомнение за перење пари, корупција и непријавување имот.