Ги прелистувам старите фотографии, талкајќи низ улиците на спомените. На една е мојата најдобра другарка од средно, во исти фармерки седиме на една клупа и многу сме кул, преправајќи се дека сме возрасни. На друга сме мојата бивша најдобра другарка и јас на мотори во Барселона.
Иако во 20-тите години од животот на дечко ми никогаш не му кажав „те сакам“, ним им кажав, и тоа многупати. И навистина го мислев тоа. Како личноста што во одреден момент ти е најблиска на светот, наеднаш се претвора во комплетен странец? Некој што е во состојба да те повреди на незамислив начин? Размислувајќи дека зад тоа сигурно се крие некаква лекција, се фрлив на сецирање на бившите пријателства.
ПРИЈАТЕЛСТВО ШТО ГО НАДМИНАВМЕ И ДВЕТЕ
Старост: 7-31
Ема и јас бевме пријателки од детство и заедно израснавме. И за време на студиите бевме неразделни. Она што немаше да ѝ го раскажам исто како да не се случило. Излегувавме заедно, патувавме, се смеевме и плачевме. По завршување на факултетот, сега забележувам во ретроспектива, нештата почнаа да се менуваат. Ема често наметливо им се нафрлуваше на момчињата што ми се допаѓаа, но јас не гледав на тоа како на нешто лошо.
Знаев дека има свои „бубачки“ и дека на тој начин ги лекува комплексите наталожени во пубертетот поради дебелината. Никогаш не помислував дека би можела да ја помине границата додека навистина не ја помина. Во моментот кога го искористи моето невнимание и непоканета му тропна на вратата на момчето со кое почнав да излегувам, нашето пријателство беше нарушено засекогаш. Кога ќе исчезне довербата, исчезнува и секој однос, вклучувајќи го и пријателскиот. Полесно ми беше да се помирам со фактот дека пријателството е завршено отколку да ги средам сите спомени во главата и да не дозволам горчливиот вкус на предавството да ми ги расипе прекрасните денови.
ЛЕКЦИЈА Долготрајното пријателство не претставува секогаш и добро пријателство. Ема и јас последните години повеќе се жалевме една на друга. Кога ги прекинав врските со неа, сфатив во колкава мера ми внесувала негативна енергија во животот со нејзините комплекси и за колку многу луѓе создадов место во моето секојдневје бидејќи веќе не морав да си го трошам времето на неа. Сфатив дека, и покрај тоа што порано бевме поврзани, со текот на времето, имавме развиено различни погледи на светот, а очигледно и различно поимање на пријателството, бидејќи за неа верност беше непознат збор.
ВРСКА ШТО БЕШЕ ПРЕБЛИСКА
Старост: 20-22
„Зошто си толку брлива?“, врескав расправајќи се за пицата додека и двете нè шибаше студен ветер на мостот. Јас бев убедена дека во Италија пицата се продава цела, а Соња сакаше само едно парче. Не се сеќавам кој беше во право и кој победи во расправијата, знам само дека бев гладна. Иако предметот на караницата беше глупав, емоциите зад неа не беа. Сè меѓу нас беше интензивно и набиено со емоции, вклучувајќи ги и расправиите.
Толку многу бевме поврзани што луѓето мислеа дека сме сестри. Еднаш, во една игра, и двете во исто време цртавме цртеж, па кога ги споредивме, видовме дека и двете сме нацртале пингвини. Тоа беше знак дека сме сродни души. И навистина бевме. Сè додека не престанавме да бидеме. Нашето раскинување не беше драматично како расправијата за пицата, всушност и не знам кога точно се оддалечивме, но знам дека една година по Венеција одвај се поздравувавме во ходниците на студентскиот дом.
ЛЕКЦИЈА Понекогаш растењето значи дека мора да тргнеме во различна насока. Како што љубовниот партнер не би требало да ни биде центар на светот, исто така и пријателката, па ако се карате околу пицата, тоа е знак дека нешто не е во ред. Денес воопшто не контактираме и не знам што е со неа, затоа што ја нема на социјалните мрежи. Чудно е тоа што, и покрај часовите поминати во разговори, кога би ја сретнала денес не би знаела што да ја прашам. Можеби тоа беше само пријателска авантура на патот кон зрелоста.
ПРИЈАТЕЛКА „УШТЕ ЕДНА ГОЛТКА“
Старост: 22-27
Два розови коктела што ни ги испраќа келнерот во хит-кафулето во градот на негова сметка; една чаша шампањско на пресот по работното време: „аперол шприц“ во нашето маалско кафуле… Всушност, и не можам да се сетам на некој спомен на Марија а да не е поврзан со алкохол. Отсекогаш сакаше да се забавува и ги знаеше сите добри забави во градот, но и луѓе што можат да ни средат бесплатен влез или пијачка. Факт е дека имаше и пијанства што со задоволство би ги заборавила…
Неколкупати кажав дека би требало да престанеме да пиеме во толкава мера, таа се согласуваше, но продолжуваше да ме вика на забави. Мигот во кој сфатив дека веќе не може така беше кога ги загубив мобилниот телефон и паричникот. Не можам да кажам дека се разделивме на грд начин, но не беше ни убав. Беше ненадејно. Едноставно, престанавме да комуницираме. Патиштата ни се разделија. Таа сакаше да продолжи да се забавува, а јас сакав да се смирам.
Поврзани објави
ЛЕКЦИЈА Треба да се дружите на повеќе места, а не само на шанк! Пријателствата подмачкани со алкохол може да придонесат врската да ви изгледа подлабоко одошто е, а можеби и беше, но денес не можам да кажам дека навистина ја познавав Марија. Неодамна се слушнавме и ѝ кажав дека ми е жал што така ненадејно го прекинавме пријателството. Се согласи и додаде дека често се сеќава на убавите мигови поминати заедно.
ПРИЈАТЕЛКА ОД 9 ДО 5
Старост: 25-27
Со иста работа се занимававме и исто се викавме. Кликнавме од прва! Заедно одевме на настани, пресови, паузи. Разменувавме трачеви од браншата и осмислувавме нови деловни идеи. Си ги прегледувавме текстовите една на друга пред да му ги предадеме на уредникот. Ѝ помагав да ги испочитува роковите, а таа ми помагаше текстовите да ми бидат поконцизни и потечни. Кога доби понуда за работа во подобра фирма, со многу поповолни услови, веќе немаше време за мене. Често ги прекинуваше договорите поради преоптовареност со работа. Со текот на времето престанав да ја канам на кафе.
ЛЕКЦИЈА Деловните пријателки се навистина посебна категорија. Поминуваме многу повеќе време со колегите отколку со другите луѓе, па логично е да се зближиме. Но кога нешто ќе ја наруши деловната рамнотежа, како отказ, напредување во кариерата, ново работно место… односот станува чуден. По една година се сретнавме на една свадба и се смиривме. По неколку години повторно се сретнавме заради работата. Бевме блиски, но не како порано. Врз основа на овој пример сфатив дека имаме пријатели на различни делови од животот. Ана беше одлична деловна пријателка! Но не мора да се вклопуваме и во другите аспекти во животот.
ТАА ШТО СЕ ВРАТИ
Старост: 22-28
Тања и јас одевме на ист факс, а со текот на времето станавме толку многу блиски што дури и „четувавме“ на Интернет користејќи ист „прекар“. Ми намести еден згоден студент по медицина, заедно одевме на кино, учевме, полагавме испити… Но тогаш замина шест месеци на студии во странство, а кога се врати, беше во врска со еден дечко од факултетот. И покрај сиот мој труд, немаше време за мене. Дури и кога имав смртен случај во семејството, таа не беше покрај мене. Затоа престанав да ѝ се јавувам.
ЛЕКЦИЈА Кога другарката ќе најде дечко, нештата се менуваат. Тања и јас се смиривме по четири години. Разговарајќи сфативме дека станува збор за големо недоразбирање. Имено, нејзиниот тогашен дечко, а денешен сопруг, сакал да ме покани на својата роденденска забава испраќајќи ми мејл, но се воспостави дека јас тој мејл не сум го ни добила, а Тања помислила дека не сум ги удостоила ниту со одговор дека нема да дојдам. Тогаш ми олесни знаејќи дека постои причина за нејзиното однесување.
Ми недостигаше. Не сфаќав колку многу го сака дечкото, а таа не сфаќаше низ колку тежок период сум поминала. Денес сме повторно блиски и многу сум среќна поради тоа. Сепак, и двете продолживме со своите животи и нештата не се исти како што беа порано.
Пријателствата во иднина
Кога ги избројав сите пропаднати пријателства, им се обратив на пријателките за анализа на ситуацијата. Излезе дека и тие имаат список од пријателки со кои едноставно се разделиле – на убав или на грд начин. Изгледа дека е сосема нормално некои односи едноставно да пропаднат. Денес имам неколку добри пријателки и среќна сум што се дел од мојот живот. Лекциите што ги научив врз основа на бившите пријателства ми помогнаа да сфатам со какви луѓе сакам да бидам блиска и опкружена.
Денес знам кои грешки нема да ги направам и кои нешта нема да ги дозволам. Со некои од пријателките се гледам секој ден, со други поретко, но се слушаме постојано и тука се ако ми затребаат. Тие се првите со кои ги делам моите подеми и падови.
Во голем дел, тие се заслужни за тоа каква личност сум денес и им благодарам за тоа!
Текст: Мартина Пожгај
Фото: Unsplash