ЕЛЕНА ЛУКА е жена-лидер, визионер и пример за тоа како се создаваат и менаџираат брендови кои го освојуваат светот. Истовремено, таа е инспирација за многу жени кои сонуваат да почнат свој бизнис, затоа што креираше успешни компании во различни деловни сфери.
Во светот на модата, нејзиното име е синоним за авангарда, врвна креативност, уникатност, луксуз и беспрекорен квалитет. ЕЛЕНА ЛУКА е бренд кој инспирира генерации жени со својата посветеност кон совршенството. Во градежната индустрија, ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ е предводник на иновациите и современата архитектура, поставувајќи нови стандарди во недвижностите.
Но нејзината визија не застанува овде – таа е исто така успешна и во дигиталниот медиумски свет со водечкиот моден магазин FashionEL.mk.
На нејзиниот пат кон успехот, ЕЛЕНА ЛУКА стана симбол за силна и беспрекорна деловна интуиција, лидерство и иновација. Во разговорот со ЕЛЕНА ЛУКА, таа ни ја открива својата перспектива за триумфот во светот на бизнисот.
Важите за една од највлијателните и најуспешни бизнис-жени, која менаџира во повеќе деловни сектори. Кој е клучот за успехот во Вашите компании?
Успехот е плод на упорноста, посветеноста на квалитетот, способноста да се адаптираме на новите предизвици и пред сè перманентната работа. Клучот на успехот е јасната визија и бескомпромисната посветеност кон целите. Секогаш се трудам да ги комбинирам иновациите со квалитетот и да ја негувам креативноста кај себе и кај мојот тим. Моите компании ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ и ЕЛЕНА ЛУКА се лидери во својот домен на делување, токму поради тоа што се доследни на овие принципи. Благодарна сум што го достигнав нивото кога можам да ја живеам мојата визија.
ЕЛЕНА ЛУКА и ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ, покрај тоа што и двата се брендови од светски ранг – кои заеднички карактеристики ги спојуваат, земајќи предвид дека припаѓаат на различни индустрии: мода и градежништво?
И двата бренда ги обединуваат страста за совршенство и стремежот кон уникатност. Во модата, создавањето емоција преку дизајн е основа на успехот, додека во градежништвото, креираме комплетен современ животен стил што ги обединува функционалноста, естетиката и докажаниот квалитет. Преку највисоките стандарди на делување, ЕЛЕНА ЛУКА и ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ создаваат вредности што траат. Токму таа идеја за безвременски печат е најсилната заедничка карактеристика.
Речиси две децении ЕЛЕНА ЛУКА е лидер во модната индустрија со својата авангардна естетика и визија. Која е есенцијата што Ве издвојува од другите?
Есенцијата е во храброста да се биде различен и во константното надминување на границите на очекуваното. ЕЛЕНА ЛУКА е синоним за авангарда, луксуз, уникатност и индивидуалност, затоа што секој дизајн има карактер и изразува став. Суштината на модниот бренд ЕЛЕНА ЛУКА е пред сè во тоа што е моја огромна љубов и личниот печат што го оставам во секој сегмент од неговата работа, го прави незаменлив. Тоа клиентите го препознаваат и неизмерно го почитуваат, што за мене е голема сатисфакција.
FUTURA Complex е новиот капитален проект на ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ. Кои се предностите на овој ултрасовремен станбено-деловен комплекс?
Визионерскиот проект FUTURA Complex е репрезент на најсовремената врвна архитектура, која квалитетот на живот го става во фокусот. Со површина од 47.000 м2, овој ултрасовремен станбено-деловен комплекс се издвојува со својот иновативен и функционален дизајн, со концепт кој има цел да изгради препознатлив, модерен и максимално квалитетен животен стил.
Лоциран на одлична локација во општина Кисела Вода, на само неколку минути пешачење од центарот на Скопје, комплексот нуди уникатна комбинација на урбано живеење, комфор, безбедност и концепт на домување приспособен според барањата на современиот човек.
Поврзани објави
Со четири станбено-деловни објекти, 382 станбени единици, зелена оаза за рекреација и атрактивен деловен простор, FUTURA Complex ги обединува сите аспекти за квалитетно живеење. Ми претставува огромна чест и задоволство што ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ стои зад едно вакво капитално архитектонско дело.
Кои се вредностите што Ве доведоа на врвот во деловниот свет, како успешна жена менаџер?
Како жена-лидер во бизнисот, отсекогаш сум верувала дека секој бизнис, без разлика дали е во модниот или градежниот сектор, треба да има дефинирани визија и цел кои ги одразуваат вредностите на компанијата. Основните вредности кои го креираат мојот бизнис-пристап, секогаш се темелат на интегритет, иновација, уникатна идеја, посветеност, максимална професионалност, но и одговорност кон луѓето и заедницата.
Преку моите компании, ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ и ЕЛЕНА ЛУКА, како и преку највлијателниот онлајн моден магазин FashionEL.mk, максимално се вложувам да ја унапредам позицијата на жените во бизнисот и да покажам дека е можно да се постигне успех и во индустрии каде што традиционално лидери се мажи. Преку мојот личен пример, сакам да покажам дека со правилна стратегија, визија и упорност, жените можат да бидат лидери во секој сектор. Работиме на отворање патишта за следната генерација на жени менаџери, особено во индустриите кои бараат иновации и лидерство.
Вашата деловна култура е препознатлива и по тоа што несебично го помагате женското претприемништво, преку различни проактивни форми на делување. Што би ги советувале жените за да се охрабрат да почнат свој бизнис?
Вистинскиот момент да почнете свој бизнис е сега! Нема потреба да се одложуваат соништата и потребите за да се изразите себеси. Нема никогаш да се создадат 100% поволни услови за реализација на некој невообичаен или вонсериски сон, затоа што во почетокот кога имаме некоја уникатна идеја таа е тешко прифатлива. Немојте да се плашите од амбицијата. Жените кои се амбициозни може да бидат и одлични лидери и одлични мајки и сопруги и тој концепт апсолутно функционира. Не е битно само колку ќе заработите, туку колку личен придонес ќе оставите врз квалитетот на животот на другите околу вас. Затоа што заедницата треба да има позитивна клима во која сите квалитетно ќе делуваме. Женското вмрежување е многу важно и успехот на една жена треба да биде мотивација за другите жени.
Да бидеш жена значи да имаш моќ и да имаш сила и капацитет со кои ова општество може да го направиш многу подобро. Самодоверба, упорност, уникатна идеја и перманентно работење.
Визионерството неминливо е важна карактеристика за Вас како успешна бизнис-жена. Каква е Вашата деловна визија за следниот период, каде е фокусот во Вашата бизнис-стратегија?
Во следниот период, фокусот ќе биде на интеграција на иновациите во сите процеси на функционирање. Целта е да изградиме иднина што не само што ќе ги исполнува потребите, туку ќе ги надминува очекувањата. Во секој сегмент од мојата работа, заедно со мојот тим, насочени сме кон создавање вредности што инспирираат и стануваат безвременски.
ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ интензивно работи на градење квалитетен, урбан и светски животен стил во домувањето. ЕЛЕНА ЛУКА ја продолжува својата мисија да ги прави жените среќни и самоуверени со една перфектна модна уметност во која имам вложено сериозен дел од себе. Како резултат на оваа посветеност и професионалност, успехот е природен исход во мојата работа.
Текст: Економист – Светот во 2025-та
Фото: ЕЛЕНА ЛУКА