Случајот со младата девојка од Охрид, која беше брутално претепана од својот партнер и се здоби со тешки телесни повреди, предизвика силни реакции и вознемиреност во јавноста. Граѓани, пријатели и познаници на двајцата преку социјалните мрежи го осудуваат насилството и бараат одговорност, но и соодветна заштита за жртвата.
Особено внимание привлече фактот што дел од луѓето кои го познавале осомничениот велат дека во секојдневниот живот оставал впечаток на мирна, повлечена и културна личност. Неговиот поранешен тренер, како и други познаници од Охрид, изразија неверување по информациите за бруталниот напад.
Во меѓувреме, случајот добива и дополнителна институционална димензија. Основното јавно обвинителство во Охрид соопшти дека итно постапува за целосно утврдување на сите околности поврзани со настанот. Во рамките на проверките ќе се испитува и дали имало обиди родителите на осомничениот да ја искористат својата положба или влијание за да обезбедат поповолен исход во постапката.
Според досега објавените информации, 31-годишниот осомничен добил кривична пријава за тешка телесна повреда, а му се определени и мерки на претпазливост.
Случајот предизвика и дополнителен полициски инцидент, откако таткото на нападнатата девојка бил приведен по пријава за упатени закани кон осомничениот и членовите на неговото семејство.
Реакциите во Охрид не стивнуваат. Дел од граѓаните прашуваат дали девојката ќе може безбедно да продолжи со својот живот и дали институциите ќе преземат доволно мерки за да спречат евентуално повторување на насилството.
Јавноста очекува случајот да биде целосно расчистен, сите одговорни да понесат законски последици, а безбедноста и заштитата на жртвата да бидат ставени во преден план.