Почетна МакедонијаСДСМ: Груби бил чекан од полицијата пред Блаце, ама не бил сопрен

СДСМ: Груби бил чекан од полицијата пред Блаце, ама не бил сопрен

од nenad
3 минути читај за

Од СДСМ денеска брифираат дека бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби на Косово најверојатно е договорено меѓу ДПМНЕ и ДУИ. Од таму велат дека полицијата го чекала функционерот на ДУИ.пред граничниот премин Блаце, но не го сопреле возилото со кое тој бил пренесуван. „Деновиве сме сведоци на нов случај поврзан со непречено бегство на лица преку северната граница со Косово и целосно потфрлање на МВР и министерот Тошковски. Денес СДСМ ќе открие детали од бегството на Артан Груби за кои Тошковски и МВР не ја информираат јавноста. Министерството за внатрешни работи ќе мора да даде јасен одговор: како е можно Артан Груби да избега на Косово само еден ден пред акцијата, односно самиот ден на акцијата?

Според информации со кои располагаме и ги добивме од свиркачи, МВР имала поставено полициска контрола на кружниот тек пред Блаце на денот кога Груби ја напуштил државата. Контролата била таму најмалку три дена пред настанот. Ова јасно укажува дека тие се сомневале дека може да избега. Но според нашите информации, самата полициска контрола, мобилната единица на МВР, не знаеле кого треба да очекува или кога треба да стопира. Тие добиле информација дури откако Груби ја напуштил државата. Ова јасно потврдува две можни сценарија: Или биле целосно неспособни да го спречат, или пак второ и поверојатно, намерно не го спречиле.

Дали Тошковски ќе каже искрено, која е причината што Груби дента кога требало да се обелодени истрагата слободно си ја напушта земјата а акцијата на МВР за негово спречување е целосно неуспешна?“, објави денеска пратеникот Мартин Костовски. Гласноговорникот на СДСМ додаде дека поранешниот премиер Димитар Ковачевски намерно е доведен од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во негативен контекст во случајот „Државна лотарија“. „Прво, сакам да изразам крајно разочарување од тоа каква конфузија се направи во јавноста во однос на екс премиерот Ковачевски кој беше осуден од јавноста и медиумите, додека во реалноста Јавното Обивинителство се уште нема оформено предмет. Според она што досега го дознавме од ЈО се уште нема постапка туку само кривична пријава која допрва ќе видиме дали е основана.

Според ЈО станува збор за сосема друг период и друг случај кој очигледно е различен од овој на Груби и Бајрами. Тошковски со своите изјави очигледно намерно се обиде да го вметне и Ковачевски со Груби и Бајрами во истиот предмет. Тоа е она што го прави ВМРО-ДПМНЕ, политичко етикетирање преку институциите на прогонот. Но ова не треба да не чуди затоа што ВМРО-ДПМНЕ подготвува терен за политички реаншизам од првиот ден. Се врши страшна партизација на клучните безбедносни и правосудни институции. За само шест месеци имаме целосно поклопување и преземање на АНБ, масовна партизација во полицијата и назначување на партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ во независниот граѓански надзор на комуникациите. Имаме поставување на судија во судскиот совет која е сопруга на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и уште еден кој е братучед на Изет Меџити. Ова јасно укажува дека ВМРО-ДПМНЕ со оваа партизација ќе води и партиски истраги и хајки против поранешни функционери“, искоментира Костовски.