Почетна Убавина и здравјеПатување исполнето со плускавци, неверојатни пејзажи и незаборавни мигови! – Убавина и здравје

Патување исполнето со плускавци, неверојатни пејзажи и незаборавни мигови! – Убавина и здравје

од nenad
9 минути читај за

„Јас сум најизгубениот перегрино што сте го виделе досега!“, вака Филип Трпчески ја поздравил рецепционерката кога пристигнал во првиот хостел на патот до Сантијаго. „Камино де Сантијаго“ е религиозно патување што може да започне во Португалија, Шпанија или Франција, а кое завршува во градот Сантијаго де Компостела во Шпанија. Филип тргнал пеш од Порто, Португалија, комплетно неподготвен за ова неизвесно патување исполнето со многу плускавци, неверојатни природни пејзажи и незаборавни мигови.

Колку пати сте посакале да излезете од удобната зона, но сте се поколебале во клучниот момент? Тоа е нормално и ни се случило на сите, но овој пат, Филип Трпчески, инаку специјализант по неврологија, одлучил да си ја оствари долгогодишната желба и да го помине летниот одмор на некое необично патување.

„За ‘Камино де Сантијаго’ дознав од другарка ми Фиона, која веќе двапати ја имаше изодено португалската патека. Ми кажа само дека пешачела од Португалија до Шпанија и ми покажа слика од плажа на која се одморала од пешачењето, а јас веднаш знаев – ете го мојот необичен годишен одмор!“, раскажува Филип, кој во тој момент бил на конгрес во Лисабон и не знаејќи дали повторно ќе се најде во Португалија, одлучил да ја искористи можноста, отпатувал до Порто и оттаму ја почнал својата авантура.

 

 

Филип на неговиот омилен дел од патеката покрај брегот, на патот кон Марињас
По крајбрежната патека, на патот кон Повоа де Варзим
„Само следи ги жолтите стрелки!“

Филип не знаел ништо за предизвиците што го очекуваат и го почнал својот аџилак сосема неподготвен. Воопшто не бил информиран за „Камино де Сантијаго“, не знаел каков ќе биде патот и дали му треба физичка подготовка, ниту пак имал соодветна опрема со себе. Само знаел дека ќе му годи да помине некое време сам со себе во природа:

„Првиот ден бев сосема изгубен, се разбудив доцна, појдов до катедралата на Порто, таму ми дадоа ‘аџиски пасош’ и синџирче со голема школка на него и ми кажаа да го закачам на ранецот, за да знаат на кое патување сум тргнат. ‘Се гледа дека си изгубен и возбуден, но само следи ги жолтите стрелки и школки и нека ти е светол патот… Bom caminho peregrino! (Добар пат, аџијо!)’ – ми рече жената од катедралата. Ете така, со претежок ранец на грб, полн со облека што не ми треба, без никаква планинарска опрема, со сосема несоодветни патики и без да знам каде ќе спијам вечерта, ниту што ќе јадам попатно, тргнав кон Сантијаго…“

Патокази во градот Марињас
Аџија на свој начин

Кога пристигнал во првиот хостел, Филип самиот си признал дека тој е најизгубениот перегрино што некогаш постоел.

„’Се гледа’, ми кажа девојката на рецепција. ‘Сите веќе се подготвуваат за спиење, а ти сега доаѓаш. И тоа со овие патики… Имаш ли плускавци?’ Не да имав плускавци по 27 изодени километри… Ме однесе до едно шкафче и ми посочи дека внатре има оставени работи од други ‘каминовци’, козметика облека и обувки, кои ќе можам да ги земам, а потоа ми покажа каде се туш-кабините и каде е мојот кревет“, се присетува нашиот „перегрино“.

Аџиски пасош

Следното утро го пречекало вистинско изненадување во хуманитарното шкафче:

„Тадааам! Црни, добро изгазени, меки, спортски сандали со лепенки. И тоа мој број! Веднаш ги оставив моите патики и ги зедов сандалите. Никогаш веќе нема да ги осудувам луѓето кои носат сандали со чорапи. Рај за нозете“. Сандалите му се најдрагиот сувенир од патувањето, бидејќи одлично му се нашле по патот, кој му претставувал вистински предизвик: „Имаше делови од патот кои беа напорни, на пример, кога требаше да пешачам по автопат на топло сонце. Имаше стрмни нагорнини, имаше и мост во градба, па морав да поминам по лабаво скеле паралелно на местото. Имаше и моменти на носталгија, бидејќи бев далеку од дома, но не можам да кажам дека тоа се лоши спомени. Кога ми беше здодевно на автопатот – пеев на глас. Кога ми беше напорно по нагорнините – забрзував и се качував без пауза. Кога се плашев од лабавото скеле – се тресев и викав на глас и сите околу мене се смееја. Кога чувствував носталгија – продолжував да пешачам. Како вистински перегрино! Не дека знам кој е вистински перегрино, ама верував дека јас сум тој… Аџија на свој начин!“

На патот кон Виана до Кастело
Bom caminho!

На патот до Сантијаго, Филип поминувал по околу 25 километри на ден. Обично станувал во 7 часот наутро и веќе во 8 часот бил тргнат. Во секој нареден град пристигнувал околу 16 часот. Денес, „Камино де Сантијаго“ претставува голем меѓународен проект, па дури и да не сте дел од група со водич, сè е однапред организирано:

„Невозможно е да се изгубите. Има стрелки на камења, на дрвја, на бандери, на ѕидови од куќи и згради… На патот ќе поминете низ рурални средини со плажи или шуми, но и низ помали или поголеми градови. Тука се и милите локални жители кои постојано ве поздравуваат со фразата Bom caminho ако сте во Португалија или со Buen camino ако сте во Шпанија“, објаснува Филип.

Иако имал воспоставено некаков ред, секој ден му бил различен, а бидејќи немал план ниту придружба, си застанувал онаму каде што ќе му се видело убаво:


Поврзани објави

„Еден ден начекав фестивал во некое од гратчињата, па направив долга пауза за ручек. Друг ден појадував на некоја ливада каде што пасеа домашни животни. Попатно, стрелките ќе ве прошетаат низ многу цркви и катедрали каде што треба да застанете и да земете печат во пасошот – тоа значи дека сте поминале низ тој дел од ‘каминото’. Стрелките ќе ве одведат и до многу кафулиња и ресторани обележани со жолти школки, кои значат дека на тие места можете да нарачате ‘аџиско мени’. Тоа е обично поевтино и вклучува оброк со пијалак и десерт. На крајот од денот, стрелките ќе ве одведат до јавниот аџиски хостел. Во секое место има по еден јавен католички хостел и повеќе приватни хостели и тие се резервирани само за луѓето кои пешачат по ‘каминото’. Откако ќе го приложите аџискиот пасош, добивате печат како доказ дека сте застанале таму за да преспиете. Едно ноќевање чини 10-15 евра, а во некои градови беа бесплатни, односно оставаш онолку колку што сакаш и можеш.“

Никогаш не сте сами

Иако тргнал сам, Филип, всушност, никогаш не бил сосема сам на ова патување. Запознал луѓе од Јапонија, Тајван, Северна Америка, Јужна Кореја, Чиле, но најголемо пријателство развил со Таширо – пензиониран готвач од Јапонија, кој патувал низ светот и собирал рецепти за да отвори мал интернационален ресторан во родното Акита:

„Со некој ќе поодите заедно, па ќе се разделите и потоа можеби никогаш нема да се сретнете или ќе се сретнете во некој хостел, па ќе вечерате заедно. Со некој ќе се среќавате постојано, но непланирано. Таков беше мојот пријател Таширо. Filip, my friend, how are you? – ќе викнеше од некаде, насмеан и полн со живот. Се среќававме речиси секој ден, често пешачевме заедно и спиевме во истите хостели, а најмногу ги сакав деновите кои завршуваа со реченицата: Filip, my friend! I cook for you tonight!“

Едно со природата

Веројатно си претпоставувате дека по патот до Сантијаго, Филип имал можност да ужива во неверојатни природни пејзажи и глетки.

„На патот не размислував за ништо и не сакав да знам што ме чека. Само пешачев, уживав во моментот и се смешкав додека откривав колку сме мали во рацете на природата. Кога сте сами, а ве очекува долг пат, можеби и немате друг избор освен навистина да го почувствувате секој чекор, бојата, звукот и мирисот на океанот, топлите сончеви зраци со кои си игра свежиот утрински ветер, шумските грмушки и дрвја низ кои ѕиркаат диви орхидеи, извори, потоци, скриени езерца. Во тие моменти не се чувствував осамено, затоа што не бев ориентиран кон себе, туку го чувствував животот околу мене.“

Сертификат и 200 изодени километри

Португалската патека по која тргнал Филип, од Порто во Португалија до Сантијаго де Компостела во Шпанија, е долга околу 265 километри и може да се изоди за 11-13 дена. Тој имал само девет дена на располагање, но доволно е да се изодат барем последните 100 километри за да се добие сертификат за завршување на патеката. Па така, по пет дена пешачење покрај брегот, односно по околу 100 километри, се качил во воз, поминал околу 65 километри и се приклучил кон централната планинска патека за да ги изоди последните 100 километри од португалско-шпанската граница до градот Сантијаго. Вкупно, изодил околу 200 километри.

„Последниот ден ми беше неочекувано чуден. Многу луѓе плачат кога ќе пристигнат пред катедралата во Сантијаго, велат дека доживуваат некакво духовно возвишување. Останав некое време пред катедралата, ја гледав и се обидував да ги изолирам околните звуци, барајќи некој внатрешен глас да ми каже: што сега? Набрзо сфатив дека јас не сум тој што ќе се издигне духовно. Колку и да звучи клише, убавината е во патувањето, а не во крајната дестинација. Се упатив кон шалтерот за аџии, каде што ми го прегледаа пасошот. ‘Не се сеќавам кога последен пат некој од Македонија се пријавил дека ја завршил оваа патека’ – ми кажа господинот од шалтерот и ми го врачи сертификатот. Целиот ден го поминав неплански, талкајќи по улиците на градот. Се сретнав со сите луѓе со кои стапив во контакт за време на патувањето, освен со пријателот од Јапонија. Тоа малку ме растажи, но уште повеќе ме растажи фактот што на целото тоа патешествие му дојде крајот…“

Пред катедралата на Сантијаго де Компостела
Само одете!

Откако се вратил од ова необично патување, Филип се чувствува многу поспокојно, потрпеливо и сега не дозволува да падне под влијанието на секојдневните притисоци и предизвици:

„Тргнете, почнете да пешачите и видете што ќе се случи. Верувам дека секој ќе се снајде и ќе ја пронајде убавината во спонтаноста. Од некаде ќе излезат црни сандали, ќе ви се придружи некој Таширо… Нема да има место во јавниот хостел, па ќе морате да спиете во некој од приватниот и токму вашиот хостел ќе биде стар фамилијарен шпански бизнис што го води старата госпоѓа Ампаро и нејзиното слепо куче. Истата таа г-ѓа Ампаро ќе ве разбуди наутро, ќе ви тутне парче домашен колач од лимон во ранецот и ќе ви посака среќен пат. Мислам дека сите овие моменти лесно може да се претворат во метафори што ќе ви послужат подоцна во животот. Во еден град слушнав една мисла која многу ми се допадна, а која вели дека вистинскиот пат (камино) започнува откако ќе го завршите ‘каминото’. Одете, изодете ја старата енергија и вратете се со нова инспирација за годините што следат. О, да! Ако се прашувавте, јас и Таширо повторно се сретнавме следното утро на автобуската станица во Сантијаго. Силно се прегрнавме и се збогувавме со зборовите: Buen camino and keep walking peregrino!“

Сертификатот што го добил Филип за завршување на патеката до Сантијаго

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО. ПРИВАТНА АРХИВА