Побарал совет, но добил ладен туш
Еден маж, кој замолил да остане анонимен, си го отворил срцето и раскажал сè за големата љубов која и денес му предизвикува чувство на голема вина. Имено, во исповед за Mirror открил дека пред пет години ја запознал жената од своите соништа.
За жал, љубовта на неговиот живот во тој момент била венчана и мајка на две деца, и тоа со негов соработник. Сепак, страста била посилна и тие три години имале бурна афера, додека таа го напуштила сопругот, се откажала од старателството над децата, се развела и се омажила за човекот кој ја пренесува нивната приказна.
„Не се каам што се однесува до љубовта. Многу сме среќни заедно и станав финансиски успешен. Мојата сопруга не мора да работи и ги поминува деновите на часови по тенис, на ручек со пријателките или прави што и да посака“, напишал тој и продолжил:
„Изминативе две години не ги спомнуваше своите деца, ниту се обидуваше да ги види. Не мисли на нив на нивните родендени или на Божиќ. Непријатно ми е да разговарам со неа за тоа, но без нејзино знаење, финансиски му помагам на нејзиниот поранешен сопруг за грижа за децата.“
Како што открил, поранешниот сопруг на жена му бил помалку успешен од него, но пристоен човек и татко полн со љубов.
Поврзани објави
„Мене не ми е финансиски товар да му помагам, а на тој начин си ја ублажувам вината поради тоа што срушив среќно семејство“, истакнал тој и појаснил:
„Моите родители ме напуштија кога бев мал и пораснав во старателски семејства, така што знам како е да не се чувствуваш сакано од родителите. Вината што ја чувствувам е постојан емоционален товар за мене. Очигледно, мојата сопруга нема да ја смени својата природа и јас ја сакам таква каква што е, а не каква што би сакал да биде.“
Побарал совет како да го надмина чувството на вина, но одговорот што го добил веројатно не го утешил многу.
„Не можете да си ја ублажите вината со расфрлање пари, но мислам дека е добро тоа што му помагате на поранешниот сопруг да ги издржува своите деца. Сепак, тоа не може да го смени тоа што се случило. Едно е да го напуштиш бракот и да се откажеш од старателството, но друго е да се откажеш од секоја родителска одговорност и да не ги гледаш своите деца, да не им се јавуваш и да не зборуваш за нив. Ако може да биде толку ладна со сопствените деца, тогаш таа може да го исфрли секого од својот живот, вклучувајќи те и тебе“, му одговорил брачниот советник од магазинот „Мирор“, истакнувајќи дека тој мора да биде искрен со неа.
Што мислите вие за оваа ситуација?
ФОТО: Richard Stachmann / Unsplash