Почетна МакедонијаВо наставните програми етапно ќе се воведуваат теми од вештачка интелигенција

Во наставните програми етапно ќе се воведуваат теми од вештачка интелигенција

од nenad
2 минути читај за


Вештачката интелигенција има голем потенцијал во областа на образованието. Таа, може да го револуционизира начинот на кој се учи и се предава. Може да го персонализира образованието, приспособувајќи ја содржината на индивидуалните потреби и стилови на учење на секој ученик, рече Јаневска

Вештачката интелигенција повеќе не се третира како футуристички концепт, туку е реалност и има голема примена во секојдневието. Планираме нејзино етапно воведување во наставните програми во училиштата, тоа е наша должност со цел младите низ формалниот процес на образование да се запознаваат со придобивките, но и со предизвиците од нејзината употреба.

Ова го истакна министерката за образование и наука на дебатата со наслов „Дали имаме национален капацитет за брза адаптација на работната сила со предизвиците кои ги носи вештачката интелигенција?“, организирана во рамки на 19та годишна конференција на МАСИТ – Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, што денес и утре се одржува во Скопје. „Вештачката интелигенција има голем потенцијал во областа на образованието.

Таа, може да го револуционизира начинот на кој се учи и се предава. Може да го персонализира образованието, приспособувајќи ја содржината на индивидуалните потреби и стилови на учење на секој ученик. Ова може да доведе до подобри резултати од учењето“, рече Јаневска. Говорејќи за дигитализацијата на образованието, министерката рече дека тоа е започнат процес во кој државата е поназад од земјите од ЕУ, а понапред во споредба со земјите во регионот.

Посочи дека министерството е фокусирано на два аспекти – дигитализација на наставата и дигитализација на образовните услуги. „Дигитализација на наставата подразбира опремување на училиштата со квалитетна ИТ инфраструктурна мрежа и ИТ уреди, обезбедување на дигитални алатки и платформи, дигитализирани учебници и слично. Согласно плановите, предвидено е повеќе од 95 отсто од наставниците до крајот на 2027 година да бидат високо обучени во полето на дигиталните вештини.

Буџетот што ќе го добие МОН следната година ќе изнесува 40 милијарди денари, што е најмногу досега. Според Јаневска, тоа ќе значи и повеќе пари за дигитализација, како и за поддршка на работата на научно – истражувачките работници кои, очекува во иднина повеќе да се занимаваат со иновации во областа на вештачката интелигенција.

На дебатата, покрај Јаневска, учествуваа и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, претседателот и заменик претседателката на МАСИТ – Илија Господинов и Весна Иваноска, како и директорот на активноста на USAID за млади кои активно создаваат можности – Youth Actively Create Opportunities (YACO), Небојша Мојсоски.