Table of Contents
Познатиот мејкап-артист и стилист за коса секојдневно се грижи за изгледот на многу дами, па нè интересираше кои жени му се особено инспиративни за работа…
Октај Сејди за кратко време стана еден од најбараните стилисти и фризери кај нас. Благодарение на своите вештини, креативност и чувство за естетика, многу брзо си изгради имиџ на вистински професионалец, чиј салон постојано е преполн. Многубројните задоволни дами се најголемиот доказ за неговиот успех, а неговата експертиза во оваа област го прави идеален соговорник на теми поврзани со женската убавина. Октај ни откри какви жени го инспирираат и ни сподели драгоцени совети за беспрекорен изглед.
Велат дека убавите луѓе зрачат и однадвор и однатре…
Нашата енергија несомнено се одразува на нашиот изглед. Кога сме полни со позитивна енергија, тоа влијае врз луѓето околу нас и врз впечатокот што го оставаме. Тогаш, сите наши обврски ги завршуваме стопати подобро, а кога се гледаме во огледало, се гледаме со други очи и задоволни сме од сопствениот изглед.
Кои се најчестите грешки што ги прават жените при шминкањето и стилизирањето на косата?
Најголемата грешка е недоволното познавање на сопственото лице (цртите на лицето и кожата) и на влакното. За секој тип лице и коса постои посебен препарат и соодветна нега, па затоа клучно е жените да се познаваат себеси при изборот на шминка и фризура. Доколку им треба помош во тоа, секако, најдобро е да се обратат кај професионалец.
Поврзани објави
Која жена последно те има воодушевено со својот изглед од глава до петици?
Нашата Каролина Гочева секогаш ме воодушевува со својот изглед. Секогаш одбира фризура, шминка и стајлинг што ѝ прилегаат и кои ја истакнуваат нејзината природна убавина.
Кои особини треба да ги поседува комплетната жена?
Според мене, не постојат посебни правила за тоа кои особини треба да ги поседуваат комплетните жени. Како што веќе споменав, најважно е доволно да се познаваат себеси. Тоа е клучната особина што во голема мера влијае врз изгледот и врз квалитетот на животот на една дама.
Кои трендови ќе бидат актуелни есенва кога станува збор за шминка и фризура?
Природниот изглед никогаш не излегува од мода. Нежниот мејкап и добро фенираната коса проаѓаат секаде и во секое време. Но ако зборуваме за конкретни трендови, тоа се бакарна боја на косата, чоколадни тонови и бебешко-руси перчиња. Што се однесува до шминката, секогаш избирајте лесна пудра, која нема да ви тежи на лицето и која ќе му прилега на вашиот тен, истакнете ги очите со маскара и нанесете соодветен кармин. Добро контурираното лице исто така е голем плус.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА