Table of Contents
Лени Кравиц ги демантираше гласините дека се наоѓал во приватниот авион кој во неделата, на 1 ноември, се урна во населено место во јужна Флорида.
По социјалните мрежи почнаа да кружат шпекулации дека музичарот бил меѓу деветте лица кои го загубиле животот во несреќата. Сепак, неговата ПР-претставничка Карлин Донован за порталот „BocaNewsNow“ изјавила: „Овие информации се неточни и невистинити“.
Гласините дека рок-ѕвездата била во авионот се појавиле откако една пилотка, која погрешно била идентификувана како пилотката што управувала со леталото, објавила информација за Кравиц. Имено, таа во приближно исто време летала на слична релација.
Пилотката од Флорида, Емили Шелтон, во објава на Фејсбук, која во меѓувреме е избришана, напишала:
„Ми претставува чест што утре ќе го превезувам единствениот и неповторлив Лени Кравиц од меѓународниот аеродром Остин-Бергстром до аеродромот Норт Елеутера на Бахамите. Едвај чекам да го пречекам во авионот“.
„Во пилотската кабина ќе се слуша ’It Ain’t Over ’Til It’s Over‘“, додала таа, придружувајќи ја објавата со емотикони на кои се прикажани танцување и музички ноти.
А кога станува збор за Лени Кравиц и жените, неговата љубовна историја е еднакво интересна. Иако со години важи за миленик на женската публика, ни тој никогаш не бил имун на љубовта. Зад себе има неколку познати романси, но една од нив зазема посебно место – онаа со неговата прва и единствена сопруга, Лиса Бонет.
Лиса Бонет била неговата голема љубов уште пред да се запознаат
Пред неколку години, 58-годишниот музичар и кантавтор ги објави мемоарите „Let Love Rule“, во кои отворено пишува за својот љубовен живот и открива како се вљубил во Лиса Бонет уште пред воопшто да ја запознае.
Во осумдесеттите години, Лиса беше голема телевизиска ѕвезда благодарение на улогата на најстарата ќерка во серијата „The Cosby Show“. Многумина ја сметаа за една од најубавите жени во светот, а меѓу нејзините обожаватели бил и младиот музичар Лени Кравиц.
Во тоа време, тој бил во сериозна врска со Минг Си Лау, ќерка на милионер, со која дури и се свршил на својот 21. роденден. Но, неговата опседнатост со Лиса набрзо ја променила ситуацијата. Имено, уште пред да се запознае со актерката, Лени бил целосно маѓепсан од неа.
Кога првпат ја видел на насловната страница на едно ТВ-списание, наводно си рекол: „Ова ќе биде мојата сопруга“. Оттогаш не престанал да сонува за неа.
Кога конечно се запознале, зад сцената по концерт на групата New Edition, Лени воопшто не знаел како да ѝ пријде. На крајот, единственото нешто што успеал да го изговори било: „Ми се допаѓа твојата коса“.
„Тоа беше толку излитена фраза, толку глупава изјава, една од најлошите во историјата на глупавите изјави“, се пошегувал музичарот во своите мемоари.
Лени и Лиса станале блиски пријатели, но долго време меѓу нив немало ништо романтично. Сепак, пејачот открил дека неговата тогашна свршеница, Кајли Миног, сфатила дека тој е целосно опседнат со Лиса и дека нивната врска нема иднина.
Пресвртот се случил една вечер во студиото. Лиса го прашала Лени дали може да ѝ покаже каде е тоалетот. Додека оделе натаму, таа се сопнала од каблите на гитарата и, како во филмска сцена, паднала право во неговата прегратка. Следувал страстен бакнеж, а сè останато е историја.
„Во тој момент сè се промени. Почнавме да се бакнуваме. Таа вечер се преселив во спалната соба на Лиса. Судбината нè одведе таму. Со секој изминат час, нашата љубов цветаше. Претчувството стана пророштво, а пророштвото се претвори во екстаза“, се присетил Кравиц на својата најголема љубов.
Двојката се венчала во Лас Вегас во 1987 година, на 20. роденден на Лиса. Во 1993 година, по шест години брак, се развеле.
Во својата книга, музичарот открил и како ја зачнале ќерката Зои на Бахамите.
Поврзани објави
„Ништо не ни беше потребно. Не ни требаше облека. Се капевме голи во океанот. Водевме љубов“, напишал тој.
Романсата со Никол Кидман: биле свршени, но не стигнале до олтарот
Малкумина знаат дека Лени Кравиц имал романса и со Никол Кидман, со која дури бил и свршен во раните 2000-ти години.
По разводот од Том Круз во 2001 година, актерката започнала врска со музичарот. Се запознале во периодот кога Кравиц ѝ бил сопственик на станот во кој живеела.
Во интервју за едно списание, Никол открила дека таа и Лени во еден момент биле свршени. До признанието дошло кога актерката зборувала за својот однос со Зои Кравиц, ќерката на музичарот, со која глумела во серијата „Big Little Lies“.
„Ја познавав Зои затоа што бев свршена со нејзиниот татко“, изјавила таа, пренел „Vanity Fair“.
Сепак, како и многу други љубовни приказни во светот на славните, и нивната не траела долго.
„Не бев подготвена за врска. Сакав моите деца да ме имаат само за себе и не ми беше пријатно во тој мал семеен круг да внесам уште една личност. А потоа се свршив со некого… но едноставно не беше вистинското време. Не бев подготвена. Не бевме подготвени“, изјавила Кидман.
И покрај тоа што романтичната искра меѓу нив згаснала, Никол и Лени останале во одлични односи. Со годините продолжиле да се поддржуваат во своите кариери, а никогаш не криеле дека имаат убаво мислење еден за друг.
Во интервју за „The Edit“ во 2017 година, Никол зборувала за својот поранешен партнер, нарекувајќи го „семејство“.
„Го сакам Лени. Тој е прекрасен човек“, изјавила актерката.
Неколку месеци подоцна, и Кравиц имал само комплименти за неа. Во интервју за „The Journal“ на „Mr Porter“ рекол: „Никол е неверојатна“.
Иако нивната љубовна приказна не го издржала тестот на времето, од неа произлегло едно трајно пријателство.
Кајли Миног била уште една од познатите жени во неговиот живот
На листата на познати жени со кои се поврзувал Лени Кравиц се наоѓа и австралиската пејачка Кајли Миног.
Двајцата се забавувале на почетокот на деведесеттите години, откако Кајли ја прекинала врската со Мајкл Хаченс, фронтменот на групата INXS. Таа и Хаченс биле заедно од 1989 до 1991 година, а пејачката и подоцна зборувала со многу нежност за него, откривајќи дека разделбата била исклучително болна и за двајцата.
По љубовниот бродолом, Кравиц бил една од личностите со кои ја продолжила својата романтична приказна.
Од големата љубов со Лиса Бонет, преку свршувачката со Никол Кидман, па сè до романсата со Кајли Миног, љубовниот живот на Лени Кравиц со години ја интригира јавноста. Но, ако нешто е јасно од неговите мемоари, тоа е дека Лиса Бонет засекогаш ќе остане една од најважните жени во неговиот живот.