Почетна Убавина и здравјеИ провинцијата не е тоа што беше – Убавина и здравје

И провинцијата не е тоа што беше – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Ако водата своите особини ги добива од слоевите низ кои тече, човекот од поднебјето на кое е растен. Времето полека но сигурно течеше, а годините се пластеа. Како и повеќето провинцијалци, по барање на системот, кога дојде време ги спакував спомените, мислите и соништата и тргнав на неколку километарската траса, во големите метрополски краишта.

Додека ги пластев спомените низ гребаниците по провинцијалските улици некако на друг начин си замислував дека живеат врсниците во десет катниците во метрополата. Некако нивното детство го замислував како во некои од македонските серии кои тогаш играа на една од ретките телевизии во државата. Работите изгледаа шарени, весли и игриви. Тогаш не знаев, а и немаш кој толку да ме воведе во светот на камерата, дека го снима само тоа што сака режисерот по барање на сценаристот…

Е за разлика од моите имагинарни слики кои се развиваа се до запливувањето во високото образование, кое само по себе е приказна, во провинциското маало владееја други закони. Постојано имаше некој сосед, особено ако децата или внуците му се поодамна населени во градот на бреговите на Вардар, кој одмораше кога ечеше детската игра. Секогаш му сметаше кога топката ќе влезеше во неговиот двор па безмисоно ја уништуваше.

Во провинцијата секое лето, па и есен реки од деца се истураа по улиците, бабите без поштедно со снаите и ќерките правеа зимници. Никој не не прашуваше на кого сме и од која куќа доаѓаме, едноставно те викаат и тебе со другите десетици деца и од шерпата мацкаш ајвар, мармалад, слатко или што и да е. Никој на никого не му забрануваше нешто да јаде, никој не се разбираше од глутенско или какво и да е попречување при исхраната, која во случајот беше темел на весела, провинциска дружба.


Поврзани објави

По некогаш ќе дојдеше некое метрополче на летување и важеше за вистинска атракција. Ние провинцијалчињата не го гледавме како натрапник, туку гледавме да сме добри домаќини. Во чие друштво да дојде, дека иако сите сме од исто маало си имавме помали окрузи. Ќе направевме се што беше во наша моќ за да го научиме да не зборува скопски, а тоа за него изгледаше интересна детска дружба.

Арно ама од денешна гледна точка од тоа веќе нема ништо. Провинцијата е празна, улиците немо пискаат за некогашниот детски крик. Вечно изморениот сосед сега сака да довикне од тераса, некој со велосипед да тркне и да му купи цигари, но нема по кој, може да одмора колку му душа сака. Веќе пометрополчените провицијалци на други манири ги учат своите потомци. Кога ќе ги вратат на корените од каде што и тие тргнале не им зборуваат на родениот дијалект, ги тераат да бидат како метрополчето кое доаѓаше на летување.

Истите оние некогашни снаи и ќерки, сега млади баби, по три пати ќе го измијат лажичето за внучето кое дошло на гости, иако за таткото/мајката на пранаследникот не водеа баш таква или воопшто и каква да е грижа од тој апект. Веќе никој не пие вода од црево и не краде цреши од кај соседот. Ех времиња… Полека но сигурно и провинцијата почнува да го има шмекот на метрополата, за жал не по големината туку по навиката на локалците.

Пишува: Провинцијалецот

Фото: pexels/Leah Newhouse