На второто рочиште за предметот поврзан со „Државна лотарија“, Обвинителството пред судот го презентира обвинението и ги образложува дејствијата што им се ставаат на товар на обвинетите. По завршувањето на читањето на обвинението, се очекува обвинетите да се изјаснат за вината.
Во предметот се опфатени поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот генерален директор на „Државна лотарија“ Прпарим Бајрами, поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски, како и поранешниот претседател и членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија – Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авди.
Според обвинителството, обвинетите во текот на 2023 и 2024 година, користејќи ги функциите и овластувањата што ги имале во Владата, во „Државна лотарија“ и во нејзиниот Надзорен одбор, преземале меѓусебно поврзани дејствија со кои, како што се тврди, бил нанесен финансиски и друг интерес на државното друштво.
Особено внимание во обвинението е посветено на постапките поврзани со воведувањето и самостојното приредување електронски игри на среќа, како и на набавката на видеолотариски терминали.
Пред судот се презентираат и наводите поврзани со одлуките донесени од органите на „Државна лотарија“, како и со постапките за јавна набавка и склучување рамковни договори за видеолотариски терминали.
Во однос на Артан Груби, обвинителството ги наведува неговите надлежности како прв заменик-претседател на Владата, но и неговата улога при претседавањето со владина седница на која било разгледувано прашање поврзано со работењето на „Државна лотарија“.
Во судницата се изјасни и правниот застапник на „Државна лотарија“, која во постапката има статус на оштетено правно лице. Тој потврди дека компанијата има определено побарување, но посочи дека дополнително ќе биде одлучено дали тоа ќе се бара во рамките на кривичната постапка или преку посебна граѓанска постапка.
По завршувањето на презентацијата на обвинението, следниот чекор е обвинетите да се произнесат пред судот за наводите што им се ставаат на товар.