Истражувањата покажуваат дека 60% од децата пцујат, а 42% го „збогатуваат“ својот речник со лоши зборови пред да наполнат 6 години. Па, што можете да направите ако вашето дете користи непристојни зборови?
Не се смејте!
Колку и забавно и смешно да звучат непристојните зборови кога излегуваат од детската уста, морате да се воздржите и да ја сокриете насмевката. Ако детето увиди дека вам ви е интересно, ќе ги задржи „забавните“ изрази и ќе продолжи да ги користи за да ве расположува. Важно е да поразговарате и со вашите блиски и да ги предупредите да не го охрабруваат „лошиот“ речник преку насмевки.
Направете „ладен“ израз на лицето
Колку вашата реакција е посилна, толку поголем впечаток му остава да детето и толку повеќе му се зголемува желбата за повторување на вулгарниот збор. Како што не е препорачливо да се смеете, така не е ни препорачливо да се лутите. Постои вистинит психолошки принцип кој вели: „Забележете нешто што не ви се допаѓа кај вашето дете, покажете емоции и проблемот гарантирано ќе се влоши.“ Предизвикувањето на емоции кај возрасните, независно дали тоа е смеа или лутина, значи поседување на огромна моќ кога си мал. Најдобро е да останете ладнокрвни.
Не му велете дека непристојните зборови се зборови само за возрасни
Децата сакаат да бидат како возрасните, па ако му речете дека непристојните зборови се за возрасни, ќе му ја зголемите желбата да ги користи. Доколку детето слуша ваш чест гостин како пцуе или изговара навреди, важно е да му објасните дека и гостинот греши и дека тој речник е недозволен и за мали и за големи.
Поврзани објави
Поставете правила во вашиот дом и сите придржувајте се кон нив
Кажете му на детето нешто како „Можеби ќе слушнеш други деца како го кажуваат тој збор, но тој не е дозволен во нашето семејство“ или „Во нашиот дом не го употребуваме тој збор, бидејќи ги растажува и повредува другите“.
Заменете го „лошиот“ збор со шега
Најчесто децата користат непристојни зборови затоа што наидуваат на смеа од страна на возрасните или децата, па мислат дека тие се забавни. Научете го вашето малечко да ги развеселува луѓето на други начини, со помош на забавна шега или кратка приказна која ќе може да им ја прераскажува на другите.
Внимавајте на сопствениот јазик
Околу половина од децата кои пцујат или користат непристојни зборови признаваат дека ги слушнале истите во своите домови. Независно дали сте се изнервирале поради лошиот сообраќај или бучниот сосед, потребно е да зачувате контрола над своите зборови. Правилата кои постојат за детскиот јазик треба да важат и за возрасните. Едноставно е, ако не сакате одреден збор да се најде во речникот на вашето дете, не го употребувајте.
Наградете го со комплименти и охрабрете го кога користи љубезни зборови
Заблагодарете му се кога користи добри зборови и покажете му колку сте горди со него.