Шпанија воведува ново право за вработените жени кои се соочуваат со сериозни здравствени проблеми поврзани со менопаузата. Од 1 декември 2026 година, тие ќе можат да користат посебен вид платено боледување доколку симптомите се толку изразени што привремено ги спречуваат да ги извршуваат работните обврски.
Мерката е дел од реформата на системот за социјална заштита, која шпанската влада ја одобри на 20 октомври. Со неа се признава дека одредени здравствени состојби поврзани со менопаузата можат сериозно да влијаат врз работоспособноста на жените.
Сепак, самото влегување во менопауза нема да биде доволно за добивање боледување. Правото ќе го имаат жените кај кои лекар ќе утврди конкретна здравствена состојба поврзана со менопаузално нарушување, со симптоми што ја оневозможуваат работата.
Меѓу проблемите што можат сериозно да влијаат врз секојдневното функционирање се интензивните топли бранови, нарушувањата на спиењето, хроничниот замор и тешкотиите со концентрацијата. За добивање боледување ќе биде потребна медицинска процена и соодветна дијагноза.
Колкав надомест ќе добиваат жените?
Според новите правила, првиот ден од отсуството работодавачот ќе ја исплаќа редовната дневна плата. Од вториот ден, надоместокот ќе го исплаќа социјалното осигурување и ќе изнесува 60 проценти од основицата за пресметка во првите 20 дена.
Од 21. ден надоместокот ќе се зголеми на 75 проценти.
Дополнителна поволност е тоа што за овој вид боледување нема да биде потребен претходен минимален период на уплата на придонеси. Тоа значи дека жените ќе можат да го остварат правото доколку ги исполнуваат медицинските услови, без оглед на тоа колку долго претходно биле осигурени.
Шпанија веќе воведе слична мерка за болни менструации
Ова не е првпат Шпанија да воведе посебна заштита за жените во работниот однос. Во 2023 година земјата овозможи платено боледување за жени кои страдаат од секундарна онеспособувачка менструација.
Со новата мерка, заштитата се проширува и на одредени сериозни здравствени состојби поврзани со менопаузата, тема која сè почесто се отвора во дискусиите за здравјето на жените и условите на работното место.
Во голем број други европски земји сè уште нема посебна законска категорија за боледување поврзано со менопаузата, иако жените со сериозни симптоми можат да користат редовно боледување доколку медицинската состојба го оправдува тоа.
Новата регулатива во Шпанија треба да започне да се применува на 1 декември 2026 година.