Почетна ЕкономијаЦаринската управа ја зголемува борбата против фалсификувана стока; годинава запленети 20 илјади производи како фалсификати

Царинската управа ја зголемува борбата против фалсификувана стока; годинава запленети 20 илјади производи како фалсификати

од nenad
2 минути читај за

Повеќе од шест илјади парчиња парфеми, пет илјади пара обувки, пет илјади парчиња облека, како и други артикли запленети од страна на Царинската управа годинава, се идентификувани како фалсификати.

Според денешното известување од Царинската управа, станува збор за вкупно 20 илјади производи со ознаки на вкупно 57 заштитени трговски марки.

Оваа година, царинските службеници на граничните премини и мобилните тимови, за неполни пет месеци, откриле 51 случај на прекршување на правото на интелектуална сопственост. Во 19 од овие случаи веќе е потврдено дека се работи за фалсификати наменети за продажба на македонскиот пазар.

„Напорите во борбата против трговија со фалсификувана стока се препознаени и од страна на застапниците на брендовите, како и од РЕАКТ Балкан – Глобална организација за борба против фалсификувањето.”

Во таа насока, на царинарниците, Секторот за контрола и истраги и Секторот за акцизи, од страна на Глобалната организација им беа врачени признанија за нивниот значаен придонес во борбата против трговијата со фалсификувани производи, соопштија од Царинската управа.

Директорот Бобан Николовски заедно со својот тим одржал средба со Катерина Хаџистојанова, менаџер на РЕАКТ Балкан, како и со претставници на брендовите, со цел подобрување и забрзување на процедурите за утврдување на автентичноста на производите. На состанокот се разговарало и за потребата од уништување на стоката за која е потврдено дека е фалсификат, во најбрз можен рок.

Од страна на застапниците на трговските друштва и РЕАКТ Балкан, се додава во соопштението, било нагласено дека е забележан исклучителен прогрес на Царинската управа во борбата против трговијата со фалсификувани производи, за што сведочат и официјалните статистики на управата.

„Еден од главните приоритети на Царинската управа е унапредување на институционалните капацитети за ефикасна и ефективна борба против фалсификатите преку воведување на зајакнати мерки на царинска контрола за откривање и спречување на увоз, транзит и извоз на стоки кои го повредуваат правото од интелектуална сопственост, како и преку зголемена соработка со носителите на ова право и нивните застапници во Македонија. Фактите се само потврда за нашите напори во борбата против трговија со фалсификати.”

„Во 2024 година вкупно се евидентирани 75 случаи на заплени на стока поради основано сомнение за повреда на право од интелектуална сопственост, за разлика од 2023 година кога се евидентирани вкупно 29 случаи. Годинава, за неполни пет месеци, евидентиран е 51 случај на заплена на 49,638 парчиња фалсификувани стоки, за разлика од лани кога во овој период се евидентирани 14 случаи на заплена на 19,707 парчиња фалсификувани стоки“, истакнал Николовски.

цр/ац/Фото: Царинска управа.