Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вечерва изјави дека „Сејв сити системот ќе биде во функција од 1.1.2026 година и оние кои што сметаат дека можат да изиграваат нинџи на улиците во Скопје и на улиците низ македонските автопатишта, односно безобѕирно ќе управуваат моторно возило, трајно ќе се одзема возилото и од утредента ќе биде ставено во функција на Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјала, детска градинка Цветче итн.“
Во неговото гостување на МРТВ, Тошковски истакна дека известувањата за сообраќајните прекршоци ќе пристигнуваат на мобилните телефони на граѓаните. Тој објасни дека во случај на помал прекршок, ќе биде потребно само да се уплати парична санкција, додека за посериозни прекршоци ќе се оди на суд, каде може да биде изречена и забрана за управување.
„На мобилен телефон ќе ви стигне порака дека сте направиле прекршок на тој и тој ден, „ве молиме упатете се до Министерството за внатрешни работи доколку сакате да ги добиете доказите или кликнете на веб страницата доколку сакате да ја видите сликата што ја имаме како доказ за вас“. Ќе се процесуира, доколку е мал прекршок ќе треба да се плати парична казна, ако е поголем прекршок ќе се оди на суд со забрана … Ме прашуваат „Ферари ако одземете што ќе направите со него“, велам ќе го дадеме на Детска градинка Цветче да се возат дечињата. Битно е дека ќе го одземеме возилото и тој што ќе управува безобзирно таков тип на моторно возило нема да го има повеќе, па да видиме со новото што ќе го купи пак ќе го прави истото,“ додаде Тошковски.
Во врска со прашање од новинарите за договорот што Владата го потпиша во мај годинава за обновување на лиценцата за софтвер за анализа на дигитални податоци, за кој опозицијата тврдеше дека ќе се користи за прислушување, Тошковски рече дека лиценцата за користење на овој софтвер е набавена во 2021 година од неговиот претходник. Тој појасни дека софтверот не се користи за прислушување, туку за извлекување на податоци од телефони во Одделот за форензика.
„Не знам зошто опозицијата не може да сфати дека со вакви брутални лаги, ниски обиди за манипулација, нечовечен пристап онаму каде што треба да има човечен пристап, не може да добијат позитивна енергија кај македонските граѓани. Овој софтвер е дониран од нашите меѓународни пријатели во 2014-2015 година и лиценца за негово користење е добавена во 2021 година од мојот претходник. Сега ние кога ја набавуваме лиценцата, прават теза дека истиот ќе се користел за прислушкување. Овој софтвер нема врска со прислушкување, туку истиот се користи од Одделот за форензика во делот на екстракција на податоци од телефони,“ објасни Тошковски.
Во врска со бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби, министерот изјави дека „службеното патување на Артан Груби многу долго трае, но се надевам дека еден ден ќе заврши и ќе биде процесуиран од страна на органите на прогон“. За бегствата на екс директорите на ЕСМ и Државна лотарија, Васко Ковачевски и Перпарим Бајрами, тој нагласи дека во иднина ќе има многу повеќе лица кои ќе бидат „кабает пред себе и македонските граѓани дека душмански и без осет го краделе македонскиот народ“.
Во однос на случајот со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која го обвинува градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, за 150 дивоградби на територијата на општината, и дали Арсовска пријавила закани во МВР, Тошковски одговори дека „таква пријава од страна на градоначалничката не е доставена до МВР, но доколку во меѓувреме има пријавено сигурен сум дека се преземени соодветни чекори“.
„Министерството за внатрешни работи постапува како по пријава од надлежни органи кои што констатирале дека има одредени неправилности во делот на градење или било која друга сфера од општественото живеење, особено постапува по наредби од страна на надлежен јавен обвинтел. Точно е дека имаме постапувано во однос на нелегални градби и во други општини, не само во Општина Чаир, но точно е дека имаме постапувано по однос на нелегални градби и во општината која што ја напоменавте. Така што, добро е кога некој си ја работи работата која што му е утврдена согласно закон и уште подобро би било доколку функционерите избрани на избори би ја работеле таа работа во текот на својот вкупен мандат, а не само во последните неколку месеци,“ заклучи Тошковски.
Извор: МИА