Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во склоп на Фондот за техничка документација (ФТД), го објави третиот конкурс за помош во креирање на техничка документација за важни инфраструктурни проекти во доменот на екологијата.
Обезбедени се приближно 500.000 американски долари за подготовка на технички спецификации за минимум 10 клучни капитални проекти на локално ниво, наменети за општините и центрите за развој на планските региони.
Финансиските средства се предвидени за проектантски, ревидентски и други советодавни услуги.
“Со оглед на општинските потреби, приоритет во овој повик им се дава на проекти од областа на животната средина како што се управувањето со цврстиот отпад, одведувањето и третманот на отпадните води и проекти за намалување на загадувањето на воздухот и емисијата на стакленички гасови од сообраќајот и јавните објекти”, информираат од УНДП.
Крајниот рок за доставување на барањата за финансиска поддршка на техничката документација е до 9 септември. Целосниот повик и обрасците за аплицирање се достапни на следниот линк: https://www. undp. org/north-macedonia/news/third-call-technical-documentation-funding.
Досега, преку претходните конкурси на ФТД, изготвени се 90 технички документации со вкупна инвестициска вредност од 100 милиони американски долари.
Фондот за техничка документација е инструмент за финансиска и техничка асистенција во реализацијата на инфраструктурни проекти на локално, меѓуопштинско и регионално рамниште, воспоставен преку проектот “Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти”, финансиран од страна на Шведска и Бирото за регионален развој.
Проектот се реализира во партнерство на УНДП со Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој и во соработка со ЗЕЛС, општините и центрите за развој на планските региони во земјата.