Почетна МакедонијаФед ја зголеми каматната стапка, Волстрит веднаш потона

Фед ја зголеми каматната стапка, Волстрит веднаш потона

од nenad
2 минути читај за

На Волстрит во средата цените на акциите паднаа по зголемувањето на каматните стапки на американската централна банка и пораката од нејзиниот претседател Џером Пауел дека оваа година не очекува намалување на каматите. Дау Џоунс падна за 1,63 отсто, на 32.030 бода, додека С енд П 500 падна за 1,65 отсто, на 3.936 бода, а Насдак индексот за 1,60 отсто, на 11.669 бода.

Како што се очекуваше, шефовите на Федералните резерви (Фед) одлучија да ги зголемат клучните камати за 0,25 процентни бода, во распон од 4,75 до 5 отсто. Ова е веќе деветто зголемување на каматите откако во март минатата година Фед почна да ја заострува монетарната политика, но темпото на зголемување не успорено.

Во соопштението на централната банка се сигнализира дека поради проблемите во некои банки е можна пауза во зголемувањето на каматите, но дека поради високата инфлација веројатно ќе треба дополнително да се прилагоди монетарната политика.

По соопштението на Фед берзанските индекси пораснаа, но по пораката на претседателот на централната банка остро паднаа.

„Пазарот беше охрабрен по пораката на Фед дека е можна пауза во зголемувањето на каматите, но разочара Пауел кој порача дека на Фед не му се врзани рацете и дека ќе може дополнително да ги зголеми каматите ако е тоа потребно“, објаснува Крис Закарели, директор во компанијата Едвајзор алајенс.

Пауел на прес-конференцијата истакна дека процесот на кревање на каматите е при крај, но борбата со инфлацијата не е завршена. „Во процесот на враќање на инфлацијата кон 2 отсто уште е долг патот и веројатно ќе биде нерамен“, кажа Пауел и порача дека главното сценарио не вклучува намалување на каматите оваа година.

Тоа ги разочара инвеститорите кои очекуваа дека Фед наскоро ќе го заврши процесот на зголемување, а до крајот на годината ќе го почне процесот на намалување на каматите. Пауел порача и дека банкарскиот систем е здрав, но дека проблемите во некои банки ќе доведат до заострување на условите на финансирање.

А заострувањето на финансирањето значи дека ќе дојде до намалување на кредитирањето и потрошувачката, а со тоа до успорување на растот на економијата, толкуваат аналитичарите.

Покрај тоа, министерката за финансии на САД Џенет Јелен кажа во извештај до Конгресот дека не се разгледуваат гаранции на државата за сите депозити во банките.

Тоа ги разочара инвеститорите кои се надеваа дека поради банкарската криза државата ќе одлучи да гарантира за сите депозити, а не само за оние до 250.000 долари.