На Клиниката за трауматологија при ТОАРИЛУЦ, за првпат во Македонија е инсталиран напреден навигациски систем за оперативно лекување на заболувања на ’рбетниот столб. Станува збор за високотехнолошка опрема што овозможува зголемена прецизност при интервенции, целосна безбедност и минимизирање на можноста за грешка при фиксација на рбетот, соопшти Клиниката. Оттаму велат дека со користењето на овој систем не само што се поедноставува и унапредува самиот оперативен процес, туку и „македонското здравство се позиционира рамо до рамо со водечките светски центри во областа на рбетната хирургија“.
„Станува збор за демо-систем кој ќе биде користен одреден временски период, со цел детално да се испитаат неговите капацитети и придобивки. Изразуваме голема благодарност до Владата на Република Македонија за поддршката и дозволата за внес на ваков вид роботизирана технологија за лекување на ’рбетен столб“, велат од Клиниката.