Почетна ЕкономијаТрамп истакна дека за САД е неопходен Гренланд заради националната заштита

Трамп истакна дека за САД е неопходен Гренланд заради националната заштита

од nenad
2 минути читај за

Американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека за САД е неопходен Гренланд заради „националната заштита и затоа мора да го стекнеме“.

Во одговор на прашањето на Би-Би-Си во врска со новата функција на Џеф Ландри, републиканскиот гувернер на Луизијана, кој беше назначен за специјален пратеник за Гренланд, тој, исто така, нагласи дека Вашингтон „ќе мора да го реши ова прашање“ и дека на САД „им е потребен Гренланд за националната безбедност, а не за минералите“.

Претседателот на САД предизвика нова дипломатска препирка со Данска откако го постави гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален претставник за Гренланд, огромниот остров во Арктикот за кој изјави дека сака да го припои.

Премиерите на Данска и Гренланд, Мете Фредериксен и Јенс-Фредерик Нилсен, вчера во заедничка декларација го потврдија своето барање за почитување на нивните граници, по претходното објавување на Ландри дека е „почестен што служи за Гренланд да стане дел од САД“.

„Веќе го изјавивме ова порано, и сега го повторуваме. Националните граници и суверенитетот на државите се утврдени со меѓународното право. Не можете да припоите други земји“, истакнаа премиерите во заедничка изјава, пренесува „Гардијан“. Тие додадоа дека станува збор за „фундаментални принципи“.

„Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните и САД не треба да го преземат Гренланд. Очекуваме почитување на нашиот заеднички територијален интегритет“, стои во заедничкото соопштение.

Претходно, шефот на данската дипломатија, Ларс Локе Расмусен, изјави дека неговата земја инсистира сите, вклучително и САД, да го почитуваат „територијалниот интегритет на Кралството Данска“.

Портпаролот на ЕУ, Анвар Ел-Ануни, исто така, реагираше на изјавата на Ландри, нагласувајќи дека територијалниот интегритет и суверенитетот на Кралството Данска мора да се зачуваат.

На почетокот на својот втор претседателски мандат, во јануари оваа година, Трамп ја објави својата намера да го преземе Гренланд, наведувајќи ја неговата стратешка позиција за безбедноста на САД како образложение, додека Данска, која управува со арктичката територија во последните 300 години, одби да се откаже од Гренланд.

Ова не е прв обид на САД да го откупат Гренланд од Данска. Првите такви преговори ги водеше американскиот државен секретар Вилијам Х. Сивард во 1867 година, кога не беше постигнат никаков договор.

Во 1946 година, САД понудија 100 милиони долари за територијата, сметајќи ја за витална за националната безбедност, но данската Влада одби.

Трамп се обиде да го откупи Гренланд за време на неговиот прв претседателски мандат, но данската и владата на Гренланд ја отфрлија понудата во 2019 година.

сд/ми/фото:МИА архива.
Извор: МИА