Table of Contents
Драган Брѓовиќ верува дека пред 46 години ќерка му била украдена од породилиштето, а 17 години подоцна ја пронашол во едно училиште.
Драган Брѓовиќ од Врњачка Бања е еден од илјадниците граѓани во Србија кои веруваат дека нивното дете било украдено од породилиште – афера која со децении ја потресува српската јавност. Тој тврди дека неговата ќерка не починала пред 46 години, туку дека е жива и дека знае која е и каде живее денес.
Овој жител на Врњачка Бања тврди дека еден брачен пар од Ниш ја следел бременоста на неговата сопруга Лидија, а потоа и нејзиното породување. Но, по шест дена поминати во породилиштето, токму во моментот кога требало да си заминат дома, на семејството Брѓовиќ му било соопштено дека нивната ќерка починала.
Шест дена го доела бебето, а потоа ѝ кажале дека е мртво
Лидија Брѓовиќ се породила на 23 декември 1980 година во породилиште во Ниш. За неа и за сопругот Драган тоа било прво дете – ќерка на која веднаш ѝ го дале името Ана.
Мајката шест дена била со своето бебе и го доела.
Но, на 29 декември, кога таткото Драган дошол во породилиштето да ги земе сопругата и ќерката, го дочекал тежок удар. Му било соопштено дека девојчето починало.
Тоа беше шок и за сопругата и за мене. Тоа се случи околу 11 часот. Му реков на лекарот дека детето шест дена било живо и дека сакам да го погребам. А тој ми рече: „Не, пријателе. Тие не се погребуваат, туку се палат со останатиот материјал, бидејќи се сметаат за спонтан абортус“. Му реков дека сакам да го видам своето дете, макар и мртво – раскажува Брѓовиќ.
Драган вели дека потоа отишол на Патологија, но таму му било кажано дека детето не стигнало кај нив и дека било однесено во Белград.
Но, според неговите зборови, бебето не стигнало ниту таму.
Кога семејството го добило отпусното писмо, во него пишувало дека бебето починало во 12 часот, иако Брѓовиќ тврди дека лекарот еден час претходно му кажал дека девојчето веќе е мртво.
Првите сомнежи
Според сведоштвото на Драган, сомнежите почнале уште додека неговата сопруга Лидија била во болница.
Во собата на Лидија во нишкото породилиште дошла жена од Ниш, која ѝ раскажала дека се породила со царски рез и дека добила девојче, но дека нешто не е во ред со бебето. На крајот, од Лидија побарала млеко.
Тоа уште од самиот почеток беше мал сомнеж. Но подоцна, од разговорите со соседите од местото каде што живееше таа жена, дознав дека по породувањето не комуницирала со никого, дека веднаш го напуштиле станот и се преселиле еден километар подалеку, а таа прекинала секаков контакт со своите пријателки. Нешто тука не беше во ред – вели Брѓовиќ.
Поврзани објави
По 17 години ја видел во училиште: „Веднаш знаев дека е моја“
Драган Брѓовиќ вели дека поради тогашниот комунистички систем семејството се вратило во Швајцарија, каде што се повлекле и чекале вистински момент повторно да ја започнат потрагата по ќерката.
Тој момент, според неговото сведоштво, дошол 17 години подоцна.
Семејството заминало во една нишка гимназија, со надеж дека таму ќе го пронајдат девојчето за кое Драган верувал дека е неговата ќерка.
Ја најдовме во училиштето и цел се наежив кога ја видов. Знаев дека е моја. Личеше и на мене и на постариот син. По три дена дојдов со сопругата и синовите. Директорката ја изведе на скалите за да се видиме. Сопругата ѝ рече: „Знаеш ли дека те доев шест дена?“ Таа беше исплашена и целата трепереше, но ништо не кажа – се присетува Драган.
Драган и денес ја нарекува Ана. Според неговите зборови, таа денес живее во Кина, каде што работи како наставничка.
Обвинителството ја отфрли кривичната пријава
Случајот од Ниш на крајот бил затворен со решение на Окружното јавно обвинителство, со кое кривичната пријава што ја поднел Брѓовиќ била отфрлена како неоснована.
Драган, сепак, не се откажал од сомнежите.
Никој од нивните пријатели не можеше да ја види откако девојчето дошло дома. Бевме и на суд. Тие го тужеа моето семејство за клевета. Барав од судијата да одобри ДНК-анализа. Бидејќи живеам во Швајцарија, тоа можеше да се направи во неутрална зона. Ќерката тогаш имаше 17 години, но тој категорично одби, велејќи дека тоа не доаѓа предвид. Не можев да го разберам тоа, бидејќи така сè ќе беше јасно – вели Брѓовиќ.
Овој случај пред околу две децении предизвикал лавина од сомнежи кај родителите чии деца во истиот период биле прогласени за починати во нишкото породилиште.
Од тие причини, подоцна била основана и Фондацијата „Драган Брѓовиќ“.
Извор: Курир.рс
Фото: Printscreen Youtube