Пејачката Сека Алексиќ отворено проговори за плановите за проширување на семејството и откри дека, покрај желбата да роди уште едно дете, размислува и за посвојување. Таа сподели и една своја голема, досега неостварена желба – да ги донира своите јајце-клетки, за што смета дека претставува еден од највисоките облици на хуманост.
Пејачката во изминатите месеци привлече големо внимание во јавноста и поради физичката трансформација и слабеењето. Таа откри дека успеала да намали дури 22 килограми, а притоа зборуваше и за промените во начинот на живот.
Сека раскажа дека прво ѝ била откриена инсулинска резистенција, по што, по направените анализи на крвта, ендокринолог ѝ препорачал соодветна терапија.
„Прво открив инсулинска резистенција кај ендокринолог, а потоа докторката, по анализите на крвта што ги направив, ми препорача лек кој е одличен за тие работи. На пазарот се појавија многу лекови, но луѓето мора да бидат свесни дека ништо од тоа не смеат да земаат на своја рака. Лекот може да ви го препише исклучиво лекарот, како и дозата“, објасни пејачката.
Таа откри дека со терапијата започнала во јануари и дека досега ослабела 22 килограми. Покрај тоа, редовно вежба, трипати неделно оди во теретана, а двапати тренира бокс.
„Кожата се опушта, мора да се вежба. Цел живот сакав да ослабам, но никако не успевав. Сакав да ослабам, но сакав и да јадам“, искрено раскажа Алексиќ, упатувајќи совети до сите што сакаат да ја намалат телесната тежина.
Поврзани објави
Покрај професионалните обврски и концертите што ја очекуваат, пејачката има и лични планови на кои сака да им се посвети во наредниот период.
„По големите концерти што ме очекуваат, сакам да се посветам на проширување на семејството. Сакам да родам уште едно дете, всушност сакам две, но ајде најпрво едно. Вонтелесното оплодување е такво што мора да се планира“, изјави Сека.
Таа додаде дека нема проблем отворено да зборува за вонтелесното оплодување и дека тоа е тема за која може да разговара колку што е потребно.
Алексиќ откри и дека веќе подолго време размислува за можноста да ги донира своите јајце-клетки, но и дека посвојувањето дете е нешто што би сакала да го направи.
„Голема желба ми е да ги донирам своите јајце-клетки, тоа ми е најголемата неостварена желба. Мислам дека тоа е врв на хуманоста, покрај тоа да посвоите дете и да му овозможите убаво детство. Од друга страна, би сакала и да посвојам дете“, изјави пејачката.
Со оваа изјава таа откри дека нејзините планови за проширување на семејството не се однесуваат само на желбата да стане мајка повторно, туку и на можноста да помогне на други луѓе да добијат дете и на дете да му обезбеди семејство.