Односот кон животните може да го открие вистинскиот карактер на човекот
Начинот на којшто се однесуваме кон животните кажува многу за нас, за нашата емпатија, самоконтрола и емоционална зрелост.
Повеќето сопственици на домашни миленици ги доживуваат своите животни како членови на семејството. Според податоците на истражувачкиот центар „Пју“ од 2023 година, тоа го тврдат 97 отсто од Американците. Сепак, малтретирањето и занемарувањето на животните и понатаму се сериозен проблем.
Психијатарот Винај Саранга од американската сојузна држава Северна Каролина објаснил дека нашиот однос кон животните, без разлика дали е грижлив или суров, може да открие некои важни карактерни особини.
Што открива добриот однос кон животните за еден човек?
„Првото нешто што може да ни го покаже таквиот однос е нивото на емпатија. Кога некој ќе покаже сочувство кон животно, тоа обично значи дека знае да препознае ранливост и да реагира на неа со грижливост“, рекол Саранга.
Додал дека тоа се гледа и во начинот на кој некој се однесува кога има предност, бидејќи животните не можат да се одбранат сами.
„Ако некој е нежен и подготвен да се грижи за животните, тоа често укажува на одговорност и добродушност“, истакнал тој.
Љубезноста кон животните често оди рака под рака со емпатијата и во други области од животот. Со оглед на тоа што домашните миленици во голема мера зависат од луѓето, грижата за нив обично значи дека личноста е лојална и зрела.
Поврзани објави
Исто така, реакцијата на ранливи, болни или стари животни може да открие трпение и чувствителност, а начинот на кој некој се справува со незгодите што може да ги направи миленикот (неред, болест, дополнителни обврски) често кажува и за општата толеранција на фрустрација.
Суровоста како знак на предупредување
Саранга нагласува дека суровоста кон животните е повеќе од лоша навика или мана. Тоа е сериозен знак на предупредување.
„Која било форма на малтретирање животно е голем психолошки аларм. Мене тоа ми укажува на нестабилност, склоност кон насилство, антисоцијални особини и потенцијално нерешени трауми“, рекол тој.
Потоа, предупредил дека станува збор за опасна рамнодушност кон страдањето која не смее да се игнорира.
„Она што особено ме загрижува е идејата дека личноста толку многу затапела емоционално што страдањето на животните воопшто не ја допира“, истакнал тој.
Додал и дека, според некои истражувања, малтретирањето на животните често се случува во домаќинствата каде што постои и семејно насилство, во распон од 21 до 89 отсто од случаите, во зависност од испитаниците и методологијата.
ФОТО: Unsplash