Нутриционисти откриваат која храна е број 1 за здравјето на цревата
Гравот е неизоставен дел од многу супи, салати, чорби, сосови и прилози. На секое јадење му дава пријатен, кремаст вкус и го прави побогато, но неговите придобивки се многу поголеми од кулинарската примена.
Гравот е одличен избор за зачувување на здравјето. Според истражување објавено во списанието „Nutrients“, освен што содржи големо количество растителни влакна, тој му обезбедува на организмот и пребиотици и други важни хранливи материи кои придонесуваат за подобро варење.
На прв поглед, можеби би помислиле дека зеленчукот и овошјето се најдобриот избор за здравјето на дигестивниот систем, но гравот има особено значајно место во исхраната. Експертите објаснуваат дека една од главните причини за тоа е неговиот богат нутритивен состав.
Според нив, растителните влакна се меѓу најважните хранливи материи за здравјето на цревата. Една шолја конзервиран бел грав, според податоците на американското Министерство за земјоделство (USDA), содржи околу 12 грама влакна, што е речиси половина од препорачаната дневна количина.
„Растителните влакна во гравот помагаат за редовно празнење на цревата и го поттикнуваат развојот на корисните цревни бактерии“, објаснува Емили Лахтруп, магистер по науки и регистрирана диететичарка.
Сепак, влакната не се единствената корисна состојка што ја содржи гравот. Тој е богат и со резистентен скроб, калиум, железо и други хранливи материи кои, според истражувањето објавено во списанието „Nutrients“, придонесуваат за зачувување на разновидноста на цревниот микробиом.
Редовното вклучување грав во исхраната може да има и дополнителни здравствени придобивки, меѓу кои помош во одржувањето здрава телесна тежина и намалување на ризикот од дебелина и дијабетес.
Како уште можете да го зачувате здравјето на цревата?
Освен редовното консумирање намирници богати со растителни влакна, постојат и други навики што можат да придонесат за правилно варење и одржување на рамнотежата на цревниот микробиом.
Поврзани објави
Пијте доволно вода
Доволниот внес на вода е особено важен кога го зголемувате количеството растителни влакна во секојдневната исхрана. Правилната хидратација и’ помага на храната полесно да се движи низ дигестивниот систем, а може да придонесе и за зачувување на здравјето на цревниот микробиом.
Експертите советуваат водата да ја пиете рамномерно во текот на денот. Корисна навика може да биде и чаша вода по будењето, како и пиење вода со оброците.
Бидете физички поактивни
Секој облик на физичка активност, од лесни прошетки до поинтензивни тренинзи, може да придонесе за подобра работа на дигестивниот систем и поредовно празнење на цревата.
„Вежбањето не само што придонесува за здравјето на срцето туку истражувањата покажуваат дека редовната физичка активност може да ја подобри и разновидноста на цревниот микробиом. Доколку имате проблем со запек, физичката активност може да помогне во стимулирањето на мускулите во дигестивниот тракт и да го олесни празнењето на цревата“, објаснува Лахтруп.
Затоа, дури и секојдневната прошетка може да биде корисна навика. Важно е да пронајдете облик на движење што одговара на вашите можности и да се трудите да бидете активни што е можно поредовно.
Дајте им предност на ферментираните намирници
Ферментираната храна може да биде важен дел од исхраната насочена кон зачувување на здравјето на цревата. Многу од овие намирници содржат корисни микроорганизми, односно пробиотици, кои можат да придонесат за разновидноста на цревната микробиота.
Меѓу добрите избори се кимчи, кефир, јогурт и комбуха. Овие намирници лесно можат да се вклучат во секојдневните оброци, а најдобро е да избирате разновидни извори и да ги комбинирате со зеленчук, овошје, интегрални житарки и мешунки.