Почетна Убавина и здравјеОвој дом е и твој“ – Маја Поцевска раскажа како добила втора ќерка – Убавина и здравје

Овој дом е и твој“ – Маја Поцевска раскажа како добила втора ќерка – Убавина и здравје

од nenad
5 минути читај за

Имала само 15 години кога почнала да преспива кај нејзината ќерка, а потоа една ноќ во сон извикала „Мамо, Маја“ – водителката првпат открива како едно девојче кое минувало низ тежок семеен период станало дел од нејзиното семејство.

Постојат животни приказни што не се раскажуваат за да предизвикаат восхит, туку за да потсетат колку може да значи еден човечки гест. За Маја Поцевска, таков гест било отворањето на вратата од сопствениот дом за едно 15-годишно девојче кое, среде семејните турбуленции, постепено ја губело чувството на припадност и сигурност.

По 11 години молчење, Маја првпат ја раскажа приказната за Рени, Рената – девојчето кое најпрво било другарка на нејзината биолошка ќерка Јана, а потоа станало нејзина втора ќерка. Емотивното признание го сподели на јубилејното десетто издание на ПРОФЕМИНА 2026, во разговорот со професорката Татјана Алексиќ, под наслов „Нешто што не сум го кажала“.

Јас сум толку години пред камерите и никогаш не сум почувствувала трема, но денес почувствував. Никогаш не сум зборувала на оваа тема“, призна Маја, најавувајќи приказна што со години ја чувала далеку од јавноста.

„Една ноќ во сон извика: ‘Мамо, Маја’“

Сè започнало сосема спонтано. Рени била другарка на Јана и повремено преспивала кај нив. Маја првично не знаела што точно се случува, сè додека не забележала дека девојчето сè почесто се повлекува во себе и дека нешто сериозно ја мачи.

Никогаш не сум размислувала за тоа да посвојам дете, бидејќи станав самохран родител кога Јана имаше осум години. Тоа воопшто не е едноставно, но мене никогаш не ми било товар, бидејќи сметам дека децата повеќе ти даваат енергија отколку што ти ја земаат. Рени, Рената, е мојата втора ќерка и сосема случајно влезе во нашиот живот, прво како другарка на Јана, но по некое време почна често да преспива кај нас“, раскажа таа.

Пресвртот се случил една ноќ, кога Рени имала кошмар и во сон извикала: „Мамо, Маја!“.

Тогаш Маја сфатила дека зад честите престои на девојчето во нивниот дом се крие многу подлабока приказна. Рени ѝ раскажала дека односите со татко ѝ биле нарушени, дека тој престанал да разговара со неа откако застанала на страната на мајка си во текот на разводот, а дека и мајка ѝ, поради новите животни околности и работните обврски, не можела да ѝ ја обезбеди потребната поддршка.

Девојчето се чувствувало запоставено, а Јана станала нејзина најголема поткрепа.

Јас ја прашав: ‘Добро, што правиме сега?’, а таа изрази желба да остане кај нас. Во тој период не бев вработена, но воопшто не размислував дали да ја примам. Само се загрижив дали родителите еден ден ќе ја побараат. Таа ми одговори дека не верува оти ќе ја побараат. Веднаш ѝ дадов клуч и ѝ кажав дека овој дом е и нејзин“, откри Маја.

Родителите не ја побарале, а Маја ѝ ја вратила радоста

Рени тогаш имала само 15 години. Во новиот дом брзо се вклопила, а семејството ја прифатило како своја. Почнале заедно да одат на литургија, да разговараат, да поминуваат време и да ги делат секојдневните радости и обврски.

Маја не поставила услови девојчето да ги прекине односите со биолошките родители. Напротив, јасно ѝ ставила до знаење дека секогаш може да се врати кај нив доколку тоа го посака.

Но, како што откри пред присутните, родителите не ја побарале, ниту се понудиле финансиски да помогнат во грижата за неа.

За Маја, најголемата награда не била тоа што добила уште една ќерка, туку промената што ја видела кај девојчето.


Поврзани објави

Од депресивна стана ведра личност, со многу интелигентна смисла за хумор. За мене тоа беше најголемата среќа – што ѝ ја вратив волјата за живот и што успеав да израснам две здрави девојки. Со текот на времето станував сè посреќна што добив гратис дете! Почетната жртва ми се врати многу позитивно“, рече таа.

По 10 години, татко ѝ посакал да се врати

Еден од најинтересните моменти во приказната се случил пред околу една година, кога таткото на Рени побарал таа да се врати кај него.

Маја ја охрабрила да го направи тоа доколку го сака, но Рени одлучила да остане со семејството во кое израснала и во кое се чувствува сакано и прифатено.

Во меѓувреме, Рени и Јана останале исклучително блиски, а семејната приказна добила уште една убава димензија со раѓањето на внуката на Маја.

Меѓу нас многу спонтано се создаде близина. Мислам дека секогаш треба да си го отвораме срцето, дури и кога мислиме дека немаме услови за тоа. Љубовта секогаш ќе ни се врати. Се чувствувам многу богато, особено откако добив и внука од Јана. Таа е многу поврзана со тетка ѝ, цело време се заедно. Сите три се многу поврзани, како да се и биолошки поврзани“, раскажа Маја.

Особено ѝ олеснило сознанието дека Рени не го доживува своето минато како траума, туку како животно искуство по кое го пронашла местото каде што припаѓа.

Многу ми е драго што целото искуство не ѝ остави траума и страв од напуштање. Многу се плашев од тоа, но таа сега е ведра и духовита личност“, додаде таа.

„Никогаш не сакав да профитирам од оваа приказна“

Маја призна дека никогаш немала намера да ја споделува оваа приказна во медиумите, ниту да го изложува Рени на јавноста. Токму затоа чекала толку години пред да проговори.

Но, разговорот на ПРОФЕМИНА 2026 ја поттикнал да направи исклучок, со желба нејзиното искуство да биде поттик и за други луѓе да не се двоумат кога имаат можност да му помогнат на некого.

Зашто понекогаш не е потребно да направите нешто големо за да промените нечиј живот. Понекогаш доволно е да препознаете дека некој има потреба од вас, да му отворите врата и да му кажете дека таму припаѓа.

А Маја Поцевска пред 11 години направила токму тоа. И добила уште една ќерка.

Фото: Никола Даневски