Почетна Убавина и здравјеДали покажувате знаци на „burnout“? – Убавина и здравје

Дали покажувате знаци на „burnout“? – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Сте ја слушнале приказната за жабата во топла вода?

Дали сте ја слушнале приказната за жабата во топла вода? Ако ставите жаба во врела вода, таа веднаш ќе скокне и ќе побегне. Но ако ставите жаба во сад со ладна вода и полека го загревате, жабата ќе продолжи да ја регулира својата телесна температура извесен период додека стане неподносливо, а тогаш веќе ќе биде предоцна и жабата ќе изгори жива. Ужасно, нели? Никој не би сакал да биде на местото на жабата, па зошто тогаш самите дозволуваме да „прегориме“?

Неодамна гостував во еден поткаст, каде што главната тема на разговорот беше моето успешно менаџирање повеќе различни занимања. Заменик-уредничка на „Убавина и здравје“ од 9.00 до 16.00, инструкторка по зумба и танци од 17.00, а најново, бидејќи ми недостасуваше работа и во трета смена, повремена диџејка. И тоа сѐ изгледа супер на објавите на Инстаграм. Динамична и креативна работа со фантастични колешки и колеги, хоби што ме одржува фит и ми носи заработка, многу забава, музика, дружење и, генерално, исполнет живот.

 

Сепак, реалноста е за нијанса поинаква

Веќе извесно време забележувам дека секој ден се будам уморна, без разлика дали сум спиела 8 или 4 часа. Утрото ми предизвикува анксиозност, бидејќи речиси секогаш морам да завршам нешто итно пред да одам на работа, без разлика дали тоа е поврзано со попладневните часови по танц или со магазинот. Тешко ми е да го задржам фокусот во текот на денот, зашто се плашам дека немам доволно време за да ги прецртам сите точки од листата на предвидени обврски. Кога разговарам со моите пријатели, забележувам дека сум отсутна и дека не можам да сочувствувам со нив, ниту да им дадам корисен совет. Малку уживам во нештата што порано ми причинувале задоволство, бидејќи чувствувам грижа на совест кога не правам нешто „продуктивно“. Парадоксално, наместо да ги искористам слободните вечерни часови за да се наспијам или одморам, ги трошам за бесцелно „листање“ на Инстаграм или гледање телевизија, со намера да си го продолжам денот, бидејќи знам дека утре пак ќе се најдам во истиот бесконечен вител на работи што МОРА да се завршат. И тоа не е нешто на што се радувам.

Знаци на прегорување

Сосема случајно или не, наидов на тест кој гласеше „дознајте дали сте прегорени за две минути“. Прегорувањето е прилично актуелен проблем во модерното општество, но не е исто со премореност. Експертите велат дека постојат три главни знаци на прегорување.

1. Чувствуваме дека немаме доволно енергија успешно да ги завршиме работните задачи.


Поврзани објави

2. Стануваме цинични и имаме негативен став кон идните проекти што би требало да ни донесат чувство на возбуда и радост. Како последица на тоа, не можеме да се поврземе со луѓето околу нас, со колегите, пријателите и семејството.

3. Постојано се чувствуваме непродуктивно, како да постигнуваме значително помалку од она што се очекува од нас.

Сето ова придонесува за појава на хроничен стрес што неизбежно доведува до бавно и незабележливо прегорување. Додека стресот се „крчка“ на тивко, температурата постојано расте, до моментот кога ќе го надмине нашиот праг на издржливост. А тогаш веќе ќе биде предоцна. Исто како во случајот со жабата.

Скокнете од садот!

Ако може да им се верува на онлајн-тестовите, покажувам знаци на „умерено“ прегорување. Виртуелниот „психолог“ ме советуваше повеќе да се ценам себеси и своите достигнувања, за да можам повеќе да ги ценам луѓето околу мене. Ме потсети дека совршеноста е недостижна и ми предложи да внимавам на исхраната, повеќе да одмарам, да медитирам и да не се плашам да побарам професионална помош околу справувањето со стресот. Ништо ново, но вреди да се потсетиме одвреме-навреме дека одморот е неопходен.

Па ако забележите дека водата во која пливате се вжештува, немојте да се приспособувате на температурата туку скокнете од садот! Прегорувањето никогаш не е пријатно, но не мора да трае вечно. Ако ги препознаете знаците и причините, ќе успеете да испливате на површината, а вашето „вжештено“ искуство може да ви послужи како пресвртна точка што ќе ве лансира кон подобра кариера и посреќен живот.

    Пишува: Марија Лукаревска

                                ФОТО: GETTY IMAGES