Table of Contents
Кој би рекол дека не може да собере сѐ во само два метри квадратни?
Ливај Кели, 27-годишен јутјубер од Западна Вирџинија, станал сензација поради желбата да влезе во Гинисовата книга на рекорди како градител на најмалата мобилна куќа на светот.
Имено, овој креативен градител направил минијатурна куќа на тркала, која се простира на само 1,8 метри квадратни, но и покрај малите димензии, оваа куќа располага со сите основни функции на типичните куќи.
Комплетна функционалност во мал простор
Ливај ја дизајнирал својата минијатурна куќа, така што максимално го искористил секој сантиметар во просторот. Повеќето елементи во куќата се подвижни и се склопуваат, што овозможува просторот лесно да се приспособи на различни потреби.
Во оваа мала куќа можете да најдете клупа за седење која се претвора во кревет за спиење, мала кујна опремена со чешма, шпорет и мини-фрижидер.
Покрај тоа, Ливај инсталирал клима-уред со функција за ладење и греење, пренослив тоалет, како и надворешен туш. Овие елементи даваат основен комфор кој е потребен за подолг престој, правејќи ја куќата не само компактна туку и функционална за кампување и секојдневна употреба.
Еколошки и естетски дизајн
Поврзани објави
Екстериерот на оваа куќа е изграден од кедрово дрво, што ѝ дава природен и пријатен изглед, додека внатрешноста е направена од различни видови дрво, давајќи топлина и пријатна атмосфера. Ливај посветил големо внимание и на осветлувањето – куќата има дури четири прозорци, благодарение на што може да продре многу светлина во толку мал простор, а тоа дава чувство на пространост.
Буџет и процес на изградба
Оваа мала куќа е изградена на автомобилска приколка која Ливај веќе ја поседувал, а вкупниот трошок за изградба изнесувал околу 5 илјади американски долари, односно 4600 евра. Ова е релативно мал буџет за толку амбициозен проект, особено кога ќе се земе предвид дека куќата содржи сѐ што е потребно за функционален животен простор.
Семејна авантура
Оваа приказна е уште поинтересна поради фактот што куќата не е направена само заради рекордот. Ливај планира да ја користи оваа минијатурна куќа за кампување со неговата сопруга и нивните две деца, со што ќе докаже дека дури и на 1,8 метри квадратни може да се направи доволно простор за квалитетен семеен престој.
Доколку сакате да дознаете нешто повеќе за оваа неверојатна куќа, посетете го јутјуб-каналот на Ливај Levi Kelly Tours, а во продолжение погледнете го видеото за најмалата куќа на светот…
ФОТО: Принтскрин Јутјуб