Понекогаш најсилниот настап не е оној во кој се пеат најголемите хитови, туку оној во кој од сцената се испраќа порака што останува да одекнува долго по последниот аплауз. Токму таков момент се случи на годинашниот „Макфест“, кога Слаткар наместо песна, со публиката сподели дел од својата животна приказна и упати искрен апел за разбирање кон луѓето што се соочуваат со тешкотии во говорот.
На сцената на 41-то издание на фестивалот во Штип, раперот зборуваше отворено за своето искуство со пелтечењето, објаснувајќи колку музиката и ритамот му помогнале полесно да се изразува и да го пренесе она што го носи во себе.
Оваа вечер не сум тука за да пеам. Тука сум само да ги потсетам сите оние што имаат проблем со говорот дека не се сами“, им порача тој на присутните.
„Музичкиот ритам ми помага да земам здив и да го кажам тоа што го мислам“
Слаткар искрено зборуваше за предизвиците со кои се соочуваат луѓето што пелтечат, но и за начинот на кој музиката му помогнала да пронајде сопствен простор за слободно изразување.
Самото пелтечење, или народски кажано дткање, е губење на ритамот на говорот. Музичкиот ритам мене ми даде шанса да се изразам слободно. За мене музичкиот ритам не значи ни слава ни популарност. Мене ритамот ми помага да земам здив и да го кажам тоа што го мислам“, откри раперот.
Тој објасни дека токму затоа решил да ја искористи големата фестивалска сцена за да испрати порака што може да направи вистинска разлика во секојдневната комуникација.
„Не прекинувајте го – можеби има нешто многу важно да ви каже“
Неговата порака не беше упатена само до оние што имаат тешкотии со говорот, туку и до сите што секојдневно разговараат со нив. Слаткар побара повеќе трпение, внимание и емпатија, потсетувајќи дека никој не треба да се чувствува непријатно или помалку вредно поради начинот на кој зборува.
Доколку сретнете човек што има уникатен говор како што имам јас, сакам да го сослушате, да го оставите да го каже тоа што го мисли, да не го прекинувате, затоа што можеби треба многу малку време за да чуете нешто што е многу важно“, порача тој.
Поврзани објави
На крајот, ги охрабри сите што се соочуваат со сличен предизвик да продолжат да сонуваат и да веруваат во себе, а од останатите побара да бидат солидарни и трпеливи.
Музиката како продолжение на личната приказна
Оваа порака е поврзана и со неговиот музички документарен филм „Слушни ме“, инспириран од неговото лично искуство.
„Слушни ме“ е приказна за храброста, борбата и прифаќањето. Приказна што потсетува дека зад секој глас стои човек, а зад секоја тишина – приказна. Затоа, не суди. Не исмевај. Слушни ме!
Филмот се очекува да биде објавен на почетокот на 2027 година.
Со настапот на „Макфест“, Слаткар потсети на нешто што често го забораваме во секојдневната комуникација: не е важно колку брзо некој ќе ја изговори својата мисла, туку колку внимателно сме подготвени да ја слушнеме.
Понекогаш, најголемата поддршка што можеме некому да му ја дадеме е едноставно да не го прекинуваме.
Видео: Инстаграм