
Жарко Масларковски од Левица (горе лево), Љупчо Златев (горе десно), Ивица Боцевски (доле), фото: принтскрин
Љупчо (Златев н.з.) мисли дали покрај директорите имате по партиски листи вработувано луѓе на професионални позиции?
„Имаме 30-40 луѓе, 50 максимум да се, ама се по меридит систем“, одговори Масларковски.
Значи партиски се, ама по мерит се?
„Не сме пратиле шумар во економија“, возврати Масларковски.
Да ги седнеме сега Таче (се мисли на премиерот Димитар Ковачевски, н.з.) и господинот Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ тука, ќе ни речат – па, и нашите партиски вработувања се по мерит, се надоврза новинарот Љупчо Златев.
„Да, ама вие сте ставиле шумар којшто само краде, а ние сме ставиле човек кој работи. Еве сега да ги споредиме. Значи, Љупче, кај нас во партија секое вработување е два-три пати преиспитано од самото тоа. Им е дадено насока да ги ловат штетните, прљавите работи. Значи, ние како ќе практицираме власт ако не влеземе во таа власт?! Ако немаме човек таму да чуеме дека работничките права се загрозени или нешто?! Значи, нашето дејствување во Град Скопје е супер принципиелно. Се што е добро за градот, се сме поддржале“, дообјасни Масларковски.

Но, мислата на Масларковски не заврши со отворенето признание дека ставаат „нивни луѓе“ во инститиуции кои потоа ја брифираат партијата и дека нивните „кадри“ имаат специфични инструкции, освен да си ја гледаат работата за која се платени. Отворено призна дека, како на партија, им се нудело и многу повеќе ама немале кадар. Затоа, почнале да произведуваат „човечки потенцијал“.
„Ние, кога почнаа да нудат ова-она, значи самите, другите, имате ова – имате она, ние рековме немаме човечки потенцијал во моментов за тоа. И сега се работи на градење на човечки потенцијал и луѓето по сектори, секторската работа на Левица да дојде на едно ниво, каде што ќе имаме луѓе за надворешни работи, за здравство, за енергетика. Значи, секторски работиме и гледаме секој човек којшто е донесен на државна работа да придонесе за таа фирма“, кажа Жарко Масларковски.

Можеби тежината на зборовите на Масларковски е намалена од фактот што тој самиот не е функционер на Левица. Но, изјавата не е безначајна ако се има предвид увидот и прецизноста на деталите што се јавно познати и партиската функција на неговиот брат. А, и помина еден ден без неговата матична партија да се огради од нешто од кажаното.
Тоа што го кажа Масларковски за Левица, сепак, е само јавна артикулација на една од најлошо чуваните политички тајни за секоја партија во земјава – како може човек да се вработи на државно.