Меки, ронливи и со богат вкус на ореви и путер, овие празнични колачиња се подготвуваат едноставно, а нивниот снежнобел изглед ги прави совршени за празничната трпеза.
Ако барате едноставен рецепт за ситни колачиња што изгледаат прекрасно и се топат во уста, овие снежни топчиња со ореви се вистинскиот избор. Се подготвуваат од неколку состојки, не бараат посебни слаткарски вештини, а благодарение на обилниот слој шеќер во прав изгледаат како мали снежни топки.
За подготовка ќе ви бидат потребни: 130 грама мазно брашно, 150 грама ситно сечкани ореви, 25 грама шеќер, 120 грама путер на собна температура, пет милилитри екстракт од ванила, прстофат сол и 120 грама шеќер во прав за валкање.
Во поголем сад измешајте ги брашното, оревите, шеќерот и солта. Додајте го путерот исечен на коцки и екстрактот од ванила. Со раце замесете компактно тесто. Не е потребно долго месење, туку само добро да се соединат состојките.
Обликувајте топка, завиткајте ја во проѕирна фолија и оставете ја во фрижидер најмалку 30 минути.
Загрејте ја рерната на 150 степени. Од изладеното тесто формирајте мали топчиња со големина на помал орев и наредете ги во тава обложена со хартија за печење, оставајќи малку простор меѓу нив.
Поврзани објави
Печете околу 35 минути
Колачињата треба да останат светли, а долниот дел само благо да порумени.
Додека се уште топли, но доволно цврсти за да ги земете во рака, внимателно извалкајте ги во шеќер во прав. Откако целосно ќе се изладат, повторете ја постапката за да добијат дебел, снежнобел слој.
Овие колачиња можете да ги подготвите и неколку дена однапред, а доколку ги ставите во убави кутии, ќе бидат и прекрасен домашен подарок за најблиските.
Фото: pexels