На прекрасното островче живее најопасното племе во светот. Секој контакт со странците завршува лошо, бидејќи тие таму живеат сами веќе 60.000 години.
Светот е полн со строго чувани места во кои можат да влезат само избраните, било заради сопствена безбедност или за заштита на тајните. Северен Сентинел е мистериозно островче со прекрасна плажа, сместено во Индискиот Океан, во Бенгалскиот Залив, каде што посетите се строго забранети.
Оние што ќе ја прекршат забраната и ќе се обидат да го посетат островот, ќе бидат пречекани од неговите жители – племе вооружено со копја и стрели. Ова племе е толку изолирано и заштитнички настроено кон својот остров што напаѓа секого кој се обидува да им се приближи.
Поради тоа се знае многу малку за нив, дури не е познат ни точниот број на членовите на племето, а се проценува дека има помеѓу 40 и 500. Се верува дека на островот живеат последните 60.000 години.
Островот, кој е приближно со големина на Менхетн, припаѓа на територијата на Индија, чија власт го заштитила племето и забранила секаков обид за контакт со нив. Во 2004 година, кога разорното цунами го погоди тој дел од Индискиот Океан, властите испратија хеликоптер со пакети храна за племето. Луѓето од племето реагираа така што го гаѓаа хеликоптерот со стрели.
Дури во 2006 година, двајца рибари кои случајно премногу се приближиле до островот биле убиени. Иста судбина доживеал и мисионерот Џон Ален Чау во 2018 година.
Поврзани објави
Индиските власти ја прифатиле желбата на племето да останат мирни, па секој обид за приближување на островот на помалку од пет километри или воспоставување контакт со староседелците се третира како кривично дело.
Во 2017 година е донесен закон со кој се предвидува затворска казна до три години за секој обид за снимање видео или фотографирање на племето.
Се вели дека племето сè уште не го открило огнот и живее како цивилизациите од камената доба, но користи метал од останките на потонатите бродови, од кој ги прави врвовите на своите копја и стрели, пренесува Survival International.
Поради својата изолираност, Сентинелците не биле изложени на многу вируси што се вообичаени за нас, па дури и обична настинка или грип може сериозно да им наштети.
Текст: Убавина и здравје