Македонскиот актер и музичар сподели емотивна порака во која се наврати на своите грешки, животните лекции и моментите кои го изградиле како човек.
Драган Спасов – Дац со децении важи за едно од омилените имиња на македонската културна сцена, а овојпат ги разнежни своите следбеници со искрен разговор „самиот со себе“. Тој сподели фотографија и моќна порака упатена до помладата верзија од себе. Во неа отворено зборува за грешките, животните пресврти и лекциите што ги носи времето.
Млад мој Дац, застани за момент и послушај ме“, започнува неговата емотивна порака, во која признава дека би сакал да го предупреди помладиот себе за дел од грешките што ги направил.
Сепак, актерот додава дека токму грешките го калат човекот и признава дека некои од нив со задоволство би ги повторил. Според него, совршенството е досадно, а лузните се доказ дека човек навистина живеел.
Како би се обратил постариот јас на помладиот јас. Ако би било можно … Млад мој Дац, застани за момент и послушај ме. Ова ти го зборува човекот кој станав благодарение на сè она што ти допрва ќе го поминеш. Секако дека би сакал да те осоколам и да те предупредам за некои мои грешки. Не беа тоа кобни падови што целосно го менуваат текот на животот, но сепак беа доволни за да го поместат во некоја нова насока. Насока која, верувај ми, со тек на време ќе научиш како да ја исправиш. На грешките се учи, момче мое. Така се кали човекот. И знаеш што? Сосема искрено ти признавам, некои од тие грешки со задоволство би ги повторил пак! Каков е тој човек што не направил ниту една утка во животот? Дали воопшто постои таков? Совршенството е досадно, а лузните се доказ дека си живеел. Мојот живот е само мој, но и на оние кои се во секој момент покрај мене. Нашата мисија е едноставна: на сите да ни биде убаво. И денес, од оваа временска дистанца, со гордост ти кажувам дека тоа е навистина така. Мислам дека успеавме. Затоа, мал мој Дац, терај го животот со крената глава! Диши со цела сила, со најполни гради и грабај го секој миг како да е последен. Не дозволувај деновите да ти поминат онака, неми во минливоста, како воопшто да не си бил тука. Остави трага. Сакај, греши, поправај и живеј ја секоја секунда со целото свое срце! Постариот Дац“, напиша актерот.
Неговите зборови предизвикаа бројни позитивни реакции, а следбениците посочија дека пораката е потсетник кој секому му е потребен.
Инаку Драган Спасов – Дац е првенец во Драмскиот театар и зад себе има бројни театарски и телевизиски улоги. Публиката го препознава и по музиката, особено по долгогодишната соработка со Александар Митевски, со кого настапува како „Александар и Дац“. Нивните боемски песни одамна се дел од репертоарот на македонските прослави и настапи, а нивниот непосреден настап и препознатлив хумор им носат голема популарност.
Фото: Википедија Дац