Почетна ЕкономијаСАД: Саудиска Арабија и Катар со инвестиции во економска зона во јужен Либан

САД: Саудиска Арабија и Катар со инвестиции во економска зона во јужен Либан

од nenad
2 минути читај за

Саудиска Арабија и Катар се подготвени да инвестираат во стопанска зона во јужен Либан, близу границата со Израел, со цел да се креираат работни места за членовите на Хезболах кои би се демилитаризирале, рече специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Том Барак.

Тој ја сподели оваа изјава по посетата на Израел и Сирија, каде дискутираше за ситуацијата во Либан, откако владата во Бејрут овој месец донесе одлука Хезболах да биде разоружан до крајот на годината. Лидерот на Хезболах го отфрли планот и објави дека организацијата ќе го задржи оружјето.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека израелските сили би можеле да започнат со повлекување од јужен Либан по одлуката на либанската влада за демилитаризација на Хезболах. Според Барак, либанската војска подготвува план кој ќе биде разгледан и најверојатно одобрен на 2 септември. “Имаме 40,000 луѓе што Иран ги плаќа да војуваат. Не можете едноставно да им го земете оружјето и да им кажете да садат маслинки. Треба да им се помогне”, рече тој. Тој објасни дека финансиите за инвестиции ќе дојдат од земјите од Заливот.

“Катар и Саудиска Арабија се партнери и подготвени се да вложат средства за јужен Либан, доколку бараме од дел од либанската заедница да се откаже од своите средства за егзистенција”, изјави американскиот пратеник.

Барак, кој исто така е и американски амбасадор во Турција, додаде дека наместо да се финансираат мировните сили на ОН во Либан (УНИФИЛ), поцелисходно е парите да бидат насочени кон либанската армија.

Судирите меѓу Израел и Хезболах избија во септември 2024 година, откако групата го поддржа Хамас со ракетни напади врз Израел. Во конфликтот загинаа повеќе од 4,000 лица, а штетата во Либан е проценета на 11 милијарди долари. Војната заврши во ноември со примирје посредувано од САД, но израелските воздушни напади продолжија, убивајќи десетици припадници на Хезболах.

фото: ЕПА архива .

Извор: МИА