Членките на НАТО денес, на седницата на Северноатлантскиот совет, ја реафирмираа нивната заедничка заложба за цврста колективна одбрана, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, на прес-конференција по завршувањето на заседанието на Советот.
“По состанокот, сојузниците издадоа силна изјава за солидарност и решителност, осудувајќи ги неодговорните постапки на Русија, кои се ескалирачки, ризични, погрешно проценети и загрозуваат животи.”
Руте додаде: “Не сакаме да видиме продолжување на овој опасен тренд од страна на Русија, намерен или не, и ние сме подготвени и спремни да продолжиме да ја браниме секоја педа од сојузничката територија.”
Тој исто така напомена дека консултациите во Советот биле свикани по барање на Естонија, откако три вооружени ловци МиГ-31 во петокот го нарушија естонскиот воздушен простор, на што НАТО реагираше експресно.
Според Руте, овој одговор е доказ за подготвеноста на НАТО да интервенира на копно, на море и во воздух на секој потенцијален ризик од навлегување на територијата на земја членка. “Поради тоа планираме. За тоа се обучуваме. И тоа функционира”, нагласи Руте.
Генералниот секретар на НАТО истакна дека врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генералот Алексиус Гринкевич, ги поседува потребните алатки и овластувања за да ја осигура одбраната на сојузниците, која дополнително ќе биде засилена со иницијативата „Источна стража“, најавена минатата недела, како дополнителна заштита на Источното крило на Алијансата и секаде каде што ќе биде неопходно.
“Сојузниците, исто така, продолжуваат да тренираат за да се осигураат дека сме подготвени за какви било закани со кои би можеле да се соочиме. Дури и сега, најголемиот носач на авиони во светот „ Џералд Форд“ е во соседството и тренира со сојузниците од целиот континент, зајакнувајќи ја нашата способност да дејствуваме заедно”, рече Руте.
Тој додаде дека ваквите вежби се од огромна важност за зајакнување на капацитетот на НАТО за одвраќање и за одбрана. “Тоа е она што ќе продолжиме да го правиме со целосна решителност”, заклучи Руте.
Претходно, Северноатлантскиот совет издаде соопштение во кое ги осуди руските упади во воздушниот простор на земјите членки на Алијансата, најавувајќи силен одговор на „неодговорните постапки на Русија“.
“Ќе продолжиме да одговараме на начин, време и домен по наш избор. Овие и други неодговорни постапки на Русија нема да ги обесхрабрат сојузниците во нивните трајни обврски за поддршка на Украина, чија безбедност придонесува и за нашата, како и во остварувањето на нејзиното вродено право на самоодбрана против бруталната и неиспровоцирана руска агресивна војна”, се додава во соопштението.
сп/ми/ Фото: МИА Архива
Извор: МИА