Почетна Убавина и здравјеРецепти што ќе ве вратат назад во детството! – Убавина и здравје

Рецепти што ќе ве вратат назад во детството! – Убавина и здравје

од nenad
4 минути читај за

Да се вратиме назад во најубавиот период од животот и да се потсетиме на храната со носталгичен мирис на детство – нашите гастро-блогери ни помогнаа во тоа!

Качамак за појадок, пржени лепчиња за вечера и палачинки во недела наутро… Кое е вашето омилено јадење од детството? Постојат многу вкусни домашни специјалитети што обожававме да ги јадеме како деца, но ретко или никогаш не ги приготвуваме како возрасни. Да се вратиме назад во најубавиот период од животот и да се потсетиме на храната со носталгичен мирис на детство – нашите гастро-блогери ни помогнаа во тоа!

КОЛАЧИЊА ПОТОПЕНИ ВО МЛЕКО

Сигурно сте јаделе лепче, бисквити или житарки потопени во млеко како деца! Тоа беше еден од најчестите и најбрзите појадоци што секогаш нè заситуваше и засладуваше. Теодора Павловска (@myglutenfreecorner) ни приготви здрава верзија на овој популарен појадок што дефинитивно вреди да го вратите на менито!

Состојки:

  • 65 г путер од кикирики
  • 2 лажици сируп од урми
  • 2 лажици млеко
  • 25 г оризово брашно

Приготвување:

1. Измешајте ги сите состојки по ред и формирајте мали топчиња.

2. Одозгора ставете парчиња чоколадо по избор.

3. Печете ги 10 минути на 180˚Ц.

4. Кога ќе ги извадите од рерна, тие сè уште ќе бидат меки, но оставете ги во тавата да се изладат и стврднат. Во комбинација со млеко, се топат в уста!

ЦАРСКА ПИТА

Дали се сеќавате на овој деликатес од детството? Во различни региони од нашата земја има различни имиња и се приготвува на различни начини, но вкусот е фантастичен во секоја можна варијанта. За Мартина Илова (@_somethingsmellsgood_), овој рецепт е првата асоцијација за детството: „Баба ми и мајка ми многу често ја приготвуваа и сè уште ја приготвуваат, затоа што се прави брзо, лесно и може да се искористат кои било состојки што веќе ги имате дома.“

Состојки:

  • 4 јајца
  • 5 кисели краставички
  • 150 г шунка
  • 150 г сирење
  • 1 1/2 чаша јогурт
  • 1 чаша масло
  • 1/2 чаша пченкарно брашно
  • 2 чаши брашно
  • 1 печиво
  • 1 лажиче сол

* Чашата е од 200 мл

Приготвување:

1. Најпрво, исечкајте ги шунката, сирењето и киселите краставички на коцки.

2. Во длабок сад, изматете ги јајцата и постепено додавајте ги сите состојки.

3. Земете тава број 28, подмачкајте ја со масло и набрашнете ја.

4. Истурете ја смесата во тава и посипете ја со сусам.

5. Печете во претходно загреана рерна на 200˚Ц, 25-30 минути. Можете да ја послужите за појадок, вечера или како закуска на разни настани и прослави.


Поврзани објави

ТОПЕНИЦА

Јадењата од детството обично ни будат носталгија затоа што се поврзани со традицијата, празниците и семејните собири. Таков е и специјалитетот на Дејан Главчев (@glavcevdejan): „Ова е еден од нашите постари традиционални рецепти и многу е едноставен, а баба ми го имаше усовршено до тој степен што беше експертка за топеница! Секогаш кога ѝ одев на гости, мораше да ја има на трпезата, затоа што му будеше многу емоции и носталгија“.

Состојки:

  • 1/2 стар леб
  • 200 г сирење
  • 1 лажиче буковец
  • 2 лажици свинска или говедска маст

Приготвување:

1. Најпрво, искинете го лебот на покрупни парчиња, потопете го убаво во вода и пржете го на маст.

2. Откако ќе фати коричка, додајте буковец и сирење, кратко пропржете ги заедно.

3. Потоа, ставете ги во загреана рерна на 200˚Ц, 10-15 минути. Рецептот е едноставен, но има посебен шмек и ќе ве остави без здив!

ТИКВАРНИК

Како што кокичињата се симбол на пролетта, за Ивана Темелкоска (@madmona7), мирисот на свежо печен тикварник е предвесник на есента. „Секогаш кога ќе се вратев од училиште, дома мирисаше на тикварник и тоа ми беше празник за душата. Постојат милион варијации на рецептот, но овој на прабаба ми мене ми е омилен, затоа што е едноставен, вкусен, хранлив и здрав!“

Состојки:

  • 1,5 кг тиква
  • 4 јајца
  • 150-250 мл млеко

По избор:

  • шеќер или друг засладувач
  • брашно
  • мешани зачини за тиква (еднаква количина мелени: цимет, мускатно оревче, каранфилче, јенибар и ѓумбир)
  • какао

Приготвување:

1. Варете ја тиквата на пареа додека омекне. Потоа, згмечете ја со гмечалка за пире (или испасирајте ја), додајте ги јајцата и млекото. Количината на млекото зависи од тоа колку е влажна или сува тиквата по варењето. Ако сакате да користите млеко од растително потекло, одберете овесно, бидејќи другите ќе го променат вкусот.

2. Смесата за тикварникот треба да е густа и леплива како пире. Не мора да ставите засладувач, но пробајте ја тиквата дали е блага, па доставете си каков било засладувач по вкус.

3. Префрлете ја смесата во длабок плех, распоредете ја рамномерно и посипете ја или со малку брашно (според старински прилепски рецепт), какао или мешавина за тиква.

4. Печете ја во загреана рерна на 200˚Ц, 40 минути до 1 час. Тикварникот треба да се оддели од рабовите на плехот, дури и малку да подизгори на одредени места. На здравје!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: Flopaganifoto/iStock via GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

ХРАНАТА И ЕМОЦИИТЕ: Еве што да јадете кога сте среќни, тажни, исцрпени или мрзеливи!