Почетна ЕкономијаПротести низ Данска и Гренланд против Трамповите планови за купување на островот

Протести низ Данска и Гренланд против Трамповите планови за купување на островот

од nenad
2 минути читај за

Во Копенхаген и неколку други дански градови, како и во главниот град на Гренланд, денеска ќе се одржат манифестации поради аспирациите на американскиот претседател Доналд Трамп за стекнување на контрола врз островот.

На повикот на повеќе гренландски организации, илјадници граѓани на социјалните мрежи најавија учество во демонстрациите во Копенхаген, Архус, Алборг и Оденсе.

Целта е да се упати јасна и обединета порака во насока на почитување на демократијата и основните човекови права во Гренланд, истакна националната организација на гренландските граѓани во Данска, Уагут.

Коалицијата на локални гренландски организации сака да го искористи присуството на делегација од американскиот Конгрес во Копенхаген за да го привлече вниманието кон нивните барања.

Трамп, во својот втор претседателски мандат, многупати искажал став дека САД треба да имаат надзор над огромниот, стратешки значаен, но слабо населен арктички остров, кој припаѓа на Данска.

Според него, Гренланд е клучен за националната безбедност на САД и дека Вашингтон ќе ја преземе контролата „на еден или друг начин“ за да се спротивстави на руските и кинеските интереси во Арктикот.

Советникот на Трамп, Стивен Милер, синоќа за „Фокс њуз“ ја потврди позицијата на САД во однос на Гренланд.

„Гренланд е една четвртина од големината на САД, со сета должно внимание, е мала земја со скромна економија и мала војска, која не може да го брани Гренланд… Но. САД немаат намера да потрошат милијарди долари за одбрана на територијата, а неговиот суверенитет да го остават на Данска“, нагласи Милер.

Протестите ќе се одржат три дена по состанокот во Вашингтон, каде данските претставници признаа дека во моментот не постои можност за постигнување договор со американските лидери во врска со иднината на автономната територија.

Неколку европски лидери изразија поддршка за Данска, додека Трамп вчера се закани со зголемување на царинските стапки за земјите кои нема да го поддржат неговиот предлог за Гренланд.

Франција, Шведска, Германија и Норвешка, заедно со Холандија, Финска и Велика Британија, пред два дена распоредија воен персонал на Гренланд за извидничка мисија, како дел од вежбата „Арктичка издржливост“ на Данска, организирана заедно со сојузниците на НАТО.