Почетна ЕкономијаЈапонска компанија ќе гради воени бродови за Австралија

Јапонска компанија ќе гради воени бродови за Австралија

од nenad
1 минути читај за

Австралиската влада официјално објави дека ја има селектирано компанијата „Мицубиши хеви индустрис“ (МХИ) да ја конструира нивната нова армада воени пловила. Јапонската фирма ја порази германската „Тисенкруп Марин Системс“ во наддавањето за договорот вреден неколку милијарди долари.

„По темелен и компетитивен процес на лицитирање, фрегатата од класата Могами на „Мицубиши хеви индустрис“ беше оценета како најсоодветна за навремено исполнување на барањата за капацитет и стратешките потреби на Австралиските одбранбени сили (АДФ)“, стои во соопштението на австралиската влада.

Министерот за одбрана, Ричард Марлес, кој истовремено е и заменик-премиер, изјави во Канбера дека новата флота ќе ги замени бродовите од класата АНЗАК на австралиската морнарица, за кои истакна дека се „најстарата флота на површински борбени бродови што морнарицата ги користела од крајот на Втората светска војна“.

„Фрегатата од класата Могами е најдобрата фрегата за Австралија“, им рече Марлес на новинарите, потенцирајќи дека одлуката за избор на јапонскиот модел наместо другите опции е „целосно базирана на капацитетите на засегнатите бродови“.

„Треба да се каже, откако се донесе оваа одлука, дека таа претставува многу важен момент во билатералните односи меѓу Австралија и Јапонија“, додаде Марлес.

Министерот исто така напомена дека според постигнатиот договор ќе бидат изградени 11 фрегати „за општа намена“ – три во странство, а преостанатите во Австралија. Според зборовите на министерот за одбранбена индустрија, Пет Конрој, првата фрегата ќе биде „испорачана во 2029 година за употреба во 2030 година“.

Австралиската телевизија Еј-Би-Си извести дека вредноста на договорот достигнува 10 милијарди австралиски долари (6,5 милијарди американски долари). Владата од Канбера не даде конкретна цена, но нагласи дека е дел од поширока „инвестиција од 55 милијарди австралиски долари“.