Почетна ЕкономијаМЗ: Предлог-законот за заштита од пушење е заштита на правото на здраво работно место, а не удар по угостителството

МЗ: Предлог-законот за заштита од пушење е заштита на правото на здраво работно место, а не удар по угостителството

од nenad
1 минути читај за

Предлог-законот за заштита од пушење, изработен од Министерството за здравство, предвидува забрана за конзумирање цигари во затворени јавни и работни места, согласно со европските норми и препораките на Светската здравствена организација.

Со ова се воспоставува едно јасно и општо правило кое ги опфаќа сите граѓани, без исклучоци и нејасни ситуации.

Според Министерството за здравство, како што информираат, во согласност со јавноздравствените стандарди, пушењето претставува личен избор, но заедничките затворени простории не треба да бидат место каде тој избор станува опасност за здравјето на другите.

Законот не се занимава со тоа дали некој ќе пуши, туку јасно утврдува каде тоа не е дозволено да се применува, со цел да се заштити здравјето на сите присутни.

Квалитетот на воздухот во затворените простории е директно поврзан со здравствените резултати.

Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните органи, помалку астматични напади и намален ризик од појава на хронични болести.

Предлог-законот, како што се нагласува, го третира изложувањето на тутунски чад како прашање кое се однесува на безбедноста и здравјето при работа, а не како прашање на начинот на живеење.

Во угостителските локали, персоналот е тој што најдолго и најинтензивно е изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна должност да го заштити правото на вработените на здрава и сигурна работна средина.

„Искуствата од европските држави кои веќе воведоа слични законски решенија, како Ирска и Велика Британија, и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат негативно влијание врз угостителството и неговите приходи, туку претставуваат премин кон поуредена, поквалитетна и попредвидлива атмосфера во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство Азир Алиу.

Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема присутност на семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што во подолг рок претставува директна корист и за самите угостителски објекти.