Официјалните лица во Рим очекуваат стотици илјади посетители за време на конклавата, процесот на избирање нов папа, која започнува на 7 мај. Локалната асоцијација на хотели истакнува дека 90% од расположливите капацитети за сместување се веќе резервирани.
Конклавата ќе привлече значителен број нови туристи. Паралелно со тоа, во Рим ќе се одржи и мастерс тенискиот турнир, на кој ќе учествува италијанскиот тенисер Јаник Синер, по тримесечна суспензија поради допинг.
Поради високата исполнетост и цените, дел од туристите се одлучија да резервираат сместувачки објекти кои не се хотели, ниту се наоѓаат во градот, туку во блиски населени места со добра поврзаност, како што се Брачоли и Ладисполи, пренесува РАИ.
Хотелската асоцијација „Федералберги Рома“ информираше дека цените на собите се покачени за околу 10 проценти, но објасни дека тоа се должи на „шпицот на сезоната“, а не исклучиво поради конклавата. „Федералберги“, исто така, соопшти дека по смртта на папата се забележал пораст на бројот на резервации за 15 проценти.
Федерико Тралди, претседател на Албае, здружението на пансиони во регионот Лацио, изјави дека капацитетите на овие сместувања се исто така речиси целосно исполнети, додавајќи дека голем број луѓе ги откажале резервациите на денот на смртта на папата. Тралди, сепак, истакна дека бројот на резервации значително се зголемил кога бил објавен датумот на погребот на папата Франциск.
Туристичката агенција „Лацио EBLT“ објави дека 150,000 нови туристи пристигнале во Рим пред погребот на папата Франциск, со што вкупниот број на посетители во тој период достигна 320,000.
Папата Франциск беше избран на конклава во 2013 година по два дена гласање, а почина на 21 април на 88-годишна возраст и беше погребан во римската базилика Санта Марија Маџоре.
Изборот на нов поглавар на Римокатоличката црква ќе започне на 7 мај и ќе трае сè додека еден од кандидатите на гласањето не освои двотретинско мнозинство.