Почетна ЕкономијаПрва официјална посета на Македонската Влада на Дојче Телеком во Бон

Прва официјална посета на Македонската Влада на Дојче Телеком во Бон

од nenad
2 минути читај за

Дојче Телеком оствари работна средба во Бон, Германија со високи претставници на македонската влада. Ова е прва официјална посета на македонската влада на Дојче Телеком на која Претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски со владината делегација се сретна со Тимотеус Хетгес, Главен извршен директор на Дојче Телеком и Доминик Лерој, Член на Управниот одбор на Дојче Телеком, ГИД за Европа.
Целта на средбата е зацврстување на дијалогот и продолжување на соработката на двата најголеми акционери во Македонски Телеком, за придвижување на дигиталната трансформација и иднина на земјата.

На посетата без разменети мислења за европската конкурентност, безбедност и дигиталниот суверенитет како стратешки приоритет за Европа. Дојче Телеком ги презентираше своите капацитети и глобалниот досег во областа на cloud технологиите, вештачката интелигенција, индустриската вештачка интелигенција и сајбер-безбедноста, кои се основа за дигиталната отпорност и конкурентност.

„Дојче Телеком повеќе од две децении е присутен на македонскиот пазар, како партнер којшто ја гради дигиталната иднина и поттикнува прогрес. Следната фаза на дигиталната трансформација во Европа ќе ја обликуваат безбедната инфраструктура, доверливите технологии и дигиталниот суверенитет. Затоа денес отворениот дијалог е уште поважен. Заедно со Владата подготвени сме да одиме напред и преку глобалната експертиза и локалното знаење и реализација, да придонесеме Македонија да биде дигитално конкурентна и да ја унапреди својата перспектива“, изјави Тимотеус Хетгес, главен извршен директор на Дојче Телеком.

Дојче Телеком, највредниот светски телекомуникациски бренд и еден од најголемите германски инвеститори повеќе од 25 години е присутен во земјата преку Македонски Телеком со повеќе од 1,19 милијарди евра инвестиции во инфраструктура и најнови технологии. Компанијата ја има најголемата оптичка мрежа во земјата, 97,9% покриеност со 5G, а неодамна ја пушти во употреба и првата 5G+ мрежа во Македонија. Компанијата континуирано вложува и во многу сфери во македонското општество преку поддршка на спорт, култура, проекти за дигитална инклузија, дигитална писменост и поддршка на заедницата.

Минатата година, Дојче Телеком потпиша Меморандум за разбирање со Владата, со заедничка цел – конкретни активности за дигитална трансформација и просперитет на земјата. Меморандумот го потпишаа Горан Марковиќ, Главниот извршен директор на Македонски Телеком и Стефан Андоновски, Министерот за дигитална трансформација.