Почетна ЕкономијаПотврди за неосудуваност на uslugi.gov.mk и нови е-услуги за граѓаните

Потврди за неосудуваност на uslugi.gov.mk и нови е-услуги за граѓаните

од nenad
2 минути читај за

Денес, на националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk, достапни се две нови услуги од основните судови: Уверение од кривична евиденција за физички лица и Уверение од кривична евиденција за правни лица.

Со оваа нова електронска услуга за потврда за неосудуваност се заокружува комплетот на најзначајни дигитализирани услуги за граѓаните, покрај веќе постоечките изводи од матичните книги, уверение за државјанство, имотен лист и потврда за сопственост на возила.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, објавувајќи ја оваа новост на денешната прес-конференција, изјави дека станува збор за најчесто употребуваните актуелни услуги од основните судови, кои заедно со заокружувањето на пакетот судски потврди што секојдневно им се потребни на граѓаните и компаниите, го формираат комплетот за неосудуваност.

“Во овој пакет, веќе дигитализирани се и Потврдата од казнена евиденција и Потврдата за изречена забрана на вршење професија, дејност или должност. Станува збор за документи кои се често потребни во секојдневниот живот – за вработување, аплицирање за јавни повици, образовни постапки и многу други правни и административни процедури”, рече Андоновски, додавајќи дека граѓаните повеќе нема да чекаат со часови пред судските шалтери и архиви.

Тој најави дека во наредните месеци ќе има и „нов бран“ е-услуги кои ќе им бидат достапни на граѓаните од областите на транспорт, енергетика, образование и здравство.

На прашање за дигитално поврзување на институциите за проверка на постоењето и валидноста на одредени лиценци, Андоновски изјави дека Министерството за дигитална трансформација ќе изработи софтвер за смарт лиценци, кој ќе го тестира и ќе им го понуди на институциите кои треба да ги дигитализираат внатрешните процеси.

Тој посочи дека институциите се веќе поврзани преку Националната платформа за интероперабилност, но дека истата е недоволно искористена, бидејќи во моментов се приклучени околу 50 институции. Според него, во последните седум години, платформата немала соодветно одржување и не се развиени нови алатки.

“Поттикнати од трагедијата во Кочани, ние ќе го изработиме тој софтвер што ќе го ставиме на располагање на сите други институции… Софтверот и алатката што ќе ги развиеме ќе бидат многу едноставни за користење. Практично, таа само ќе алармира кога ќе се работи за недостиг на некои од доказите што некој ги предвидел. На пример, за да имате лиценца обврзани сте да имате тројца вработени, во моментот кога вашата бројка ќе падне под три, системот ја алармира институцијата дека некој од условите не е исполнет”, појасни Андоновски.

На прашање дали Министерството за дигитална трансформација ќе се вклучи во креирање споредбен дигитален ценовник на артиклите што ги продаваат сите маркети во државава, по нивната обврска секој самостојно да ги објавува цените, Андоновски одговори дека на владина седница ќе биде разгледано која институција би ја презела таа обврска.

“Иако за следење на цените и однесувањето на пазарот и на трговците е надлежно Министерството за економија и не би сакале да се мешаме во нивните надлежности, доколку биде побарано од нас каква било поддршка или, пак, ние да го изработиме овој софтвер, тоа ќе го направиме”, додаде министерот Андоновски.

хс/ цр

Фото: МИА / МИА архива

Извор: МИА