Почетна ЕкономијаПет филма во трка за европската филмска награда „ЛУКС“ 2026

Пет филма во трка за европската филмска награда „ЛУКС“ 2026

од nenad
4 минути читај за

Пет филмови – „Кристи“, „Глуви“, „Беше само несреќа“, „Сакај ме нежно“ и „Сентиментална вредност“ – се во трка за европското признание ЛУКС за 2026 година.

На презентацијата на номинираните филмови во Стразбур, заменик-претседателката на Европскиот парламент, Сабине Верхајен, подвлече дека годинешните кандидати за ЛУКС го отсликуваат диверзитетот на европското општество, “со сите неговите различни структури, тензии и борби.”

“Избраните филмови не трогнаа со моќни, длабоко човечки приказни и силни емоции. Заедно, тие сведочат за потребата од робустен културен буџет, како клучен инструмент за градење посилни, поинклузивни и пофер демократии,” рече Верхајен на настанот, на кој присуствуваше и претседателката на Комитетот за култура и образование на ЕП, Нела Рил.

Според Верхајен, наградата ЛУКС веќе 18 години придонесува за промоција на делата на најдаровитите филмски творци од Европа пред гледачите ширум континентот. “Таа покажува дека кога постои политичка волја, Европскиот парламент може да ги допре срцата и умовите на граѓаните не само преку законодавството, туку и преку културата,” додаде Верхајен.

Заменик-претседателката на ЕП исто така сподели дека сите пет номинирани филмови оваа година ќе бидат бесплатно преведени на сите 24 официјални јазици на ЕУ и ќе бидат прилагодени и за лицата со оштетен слух. “Оваа одлука е значајна. Прво, затоа што ја стимулира меѓународната дистрибуција и олеснува овие приказни да патуваат преку границите и да допрат до што е можно поширока публика, и второ, и поважно, затоа што е овозможува подобра инклузивност на нашиот филмски сектор,” објасни Верхајен.

Филмот „Кристи“ на режисерот Брендан Канти ја следи приказната на 17-годишно момче од Ирска, кое е исфрлено од дом за деца и принудено да живее со својот отуѓен постар полубрат. И покрај потенцијално негативното влијание на неговото семејство, Кристи гради нови пријателства и повторно се поврзува со своите корени. Во обид да си обезбедат подобра иднина, Кристи и неговиот брат се соочуваат со тешки одлуки кои ги доведуваат во прашање нивните кршливи односи.

„Глува“ на шпанската режисерка Ева Либертад ја раскажува приказната за Анхела, жена со оштетен слух која очекува дете. Нејзините стравови поврзани со мајчинството и неможноста да комуницира со својата ќерка се зголемуваат додека се соочува со предизвиците на одгледување бебе во свет кој не е приспособен на нејзините потреби.

„Беше само несреќа“ на добитникот на наградата „Сахаров“ во 2012 година, Џафар Панахи, ја отсликува политичката репресија во Иран преку приказната за ноќен возач кој усмртува куче. Додека бега, тој пристигнува во една гаража каде што среќава човек кој верува дека возачот е всушност затворскиот чувар кој го мачел. Филмот е снимен без официјална дозвола од иранските власти.

Филмот „Сакај ме нежно“ на француската режисерка Ана Казенав Камбе е адаптација на книгата на Констанс Дебре за 40-годишна жена која го губи старателството над својот син, откако му признава на својот поранешен сопруг дека има романтични врски со жени. Овој факт се употребува против неа на суд, што доведува до тоа судијата да му додели целосно старателство на таткото. Филмот се фокусира на борбата на жената да остане мајка и слободна жена.

„Сентиментална вредност“ на режисерот Јоаким Трир, на англиски, норвешки и шведски јазик, нуди приказ на сложеноста на семејните односи. Филмот ја раскажува приказната за две сестри кои повторно се зближуваат со својот татко, некогаш познат режисер кој се обидува да сними филм за враќање на славата. Откако една од неговите ќерки одбива да глуми во филмот, тој ја доделува улогата на млада, амбициозна актерка од Холивуд. Пристигнувањето на американската ѕвезда дополнително ги комплицира и онака сложените семејни односи.

Во согласност со правилата, кандидатите за наградата ЛУКС треба да учествувале, да биле наградени или да привлекле значајно внимание на истакнат филмски фестивал; да се прикажувале во кината во најмалку пет земји членки на ЕУ; нивната премиера да била во периодот од 1 јули претходната, до 31 мај оваа година; да илустрираат теми за разновидноста, европските вредности и за прашања што влијаат врз секојдневниот живот и иднината на Европа; и да бидат достапни за широка и разновидна европска публика, вклучувајќи ги и младите.

Филмовите мора да бидат продуцирани или копродуцирани во земји опфатени со програмата „Креативна Европа – Медиум“, чија членка е и Северна Македонија, заедно со државите од ЕУ, Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Ерменија, Исланд, Косово, Лихтенштајн, Молдавија, Норвешка, Србија, Украина и Црна Гора.

Изборот на кандидатите за наградата го врши панел составен од филмски професионалци од различни земји членки на ЕУ.

Петте номинирани филмови за наградата во наредниот период ќе бидат прикажувани во кината низ цела ЕУ и ќе бидат оценувани од публиката и европратениците. Победникот ќе биде објавен кон средината на април 2026 година, врз основа на гласовите на европратениците и јавното гласање на гледачите, по моделот 50-50.

Платформата за гласање на граѓаните за избор на добитникот на наградата за 2026 година е отворена од денеска.
сп/вг/Фото: Европски парламент

Извор: МИА