Комесарот на ЕУ за трговија, Марош Шефчович, денес и утре ќе престојува во Вашингтон, каде ќе има средби со високи функционери на САД со цел да се постигне трговски договор. Со ова би се избегнало воведувањето на општа тарифа од 50 проценти за увоз на европски производи во САД почнувајќи од 9 јули.
Блумберг, цитирајќи “извори запознаени со ова прашање”, објави дека ЕУ наводно е подготвена да одобри општа давачка за увоз на европски артикли на американскиот пазар од 10 проценти, со услов истата да важи и за челикот, алуминиумот и автомобилите, кои во моментов се предмет на значително повисоки царински стапки.
Според истите наводи, Вашингтон исто така би требало да се заложи дека нема да воведува давачки за производите од “клучните сектори”, како што се лековите и полупроводниците.
“Европската комисија го смета овој аранжман како малку фаворизирачки за САД, но и како решение на кое би можела да се согласи”, изјавиле изворите на Блумберг, кои побарале да останат анонимни.
Како што известува дописникот на МИА од Брисел, до неодамна Европската комисија ја отфрлаше можноста да се согласи на давачка од 10 проценти со САД, инсистирајќи на “нула за нула” давачки, но во последните денови портпаролите на ЕК ниту потврдуваа, ниту негираа дека ЕУ би прифатила десетпроцентна царинска стапка.
“Од оваа говорница не можам да прејудицирам каков било исход од преговорите”, изјави вчера портпаролот на Европската комисија, Тома Рение, во одговор на новинарско прашање дали за време на претстојните преговори со САД, ЕУ би можела да се согласи на општа давачка од 10 проценти.
Претходно оваа недела, претставникот на ЕК вклучен во трговските преговори, Матијас Јергенсен, пред членовите на Комитетот за трговија на Европскиот парламент одби да даде конкретен одговор дали Комисијата би се согласила на давачки од 10 проценти.
Пред заминувањето за Вашингтон, Шефчович во понеделникот изјави дека давачките од 25 проценти, кои ги воведе Американската администрација за увозот на европски челик, алуминиум и автомобили, се “неодржливи”, но таква оценка не даде и за 10-процентна општа царинска стапка.