Почетна ЕкономијаПентагон: Двесте припадници на Националната гарда се упатуваат во Портланд

Пентагон: Двесте припадници на Националната гарда се упатуваат во Портланд

од nenad
2 минути читај за

Двесте војници од Националната гарда на САД ќе бидат стационирани во Портланд, Орегон, соопшти денес Пентагон, како што пренесуваат француските медиуми.

Овој потег, според медиумските извештаи, претставува дел од напорите против криминалот во поголемите градови со демократска власт, предводени од американскиот претседател Доналд Трамп.

Војниците „ќе бидат повикани на федерална должност во времетраење од 60 дена со цел да ги заштитат службениците за имиграција и царинска контрола на САД и другиот персонал што врши федерални задачи“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, во официјално соопштение.

Трамп, кој веќе има испратено војници во градови со демократско водство, како Лос Анџелес, Вашингтон и Мемфис, претходно овој месец се закани дека ќе ја испрати Националната гарда во Портланд, каде што во 2020 година имаше обемни демонстрации за време на неговиот прв мандат, предизвикани од смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, убиен од полицаец во Минеаполис.

Во неговата саботна наредба за распоредување на војници во Портланд, каде што веќе неколку месеци се одржуваат протести против имиграциската полиција, американскиот претседател одобри „употреба на максимална сила доколку е потребно“.

Официјални лица од државата Орегон вчера поднесоа тужба со цел да ја спречат наредбата, тврдејќи дека одлуката е „мотивирана од желбата на Трамп користењето на војската за рутински активности за спроведување на законот да стане вообичаена пракса “, особено во градовите предводени од неговите политички опоненти.

Во нивната жалба, службениците на Орегон исто така тврдеа дека не постои потреба од стационирање на Националната гарда во Портланд, бидејќи демонстрациите против имиграциската полиција таму биле мирни и со ограничен обем, што е во спротивност со тврдењата на Трамп.

Американскиот претседател ја претвори борбата против нелегалната имиграција во апсолутен приоритет, зборувајќи за „инвазија“ на САД од страна на „криминалци од странство“ и нашироко ја поддржува депортацијата на мигрантите, за што имиграциската полиција претставува една од неговите главни алатки, забележуваат француските медиуми.

сд/фото:МИА архива .

Извор: МИА