Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го искористи денешниот состанок со претседателот на САД, Доналд Трамп, во Белата куќа за да упати официјално извинување до Катар поради неодамнешниот воздушен удар врз претставници на палестинскиот Хамас во Доха. Тој настан предизвика гнев кај арапските лидери и ретка критика од Вашингтон кон Израел.
По средбата со Трамп, на која разговараа за ставање крај на израелската војна во Појасот Газа и за развој на американскиот план за управување со таа разурната палестинска територија по завршувањето на војната, Нетанјаху телефонски разговараше со катарскиот премиер Мохамед Бин Абдулрахман Ал Тани, информираше Белата куќа.
“Како прв чекор, премиерот Нетанјаху изрази длабоко жалење што во израелскиот ракетен напад врз позиции на Хамас во Катар ненамерно беше убиен катарски војник. Тој исто така изрази жалење што Израел, таргетирајќи го раководството на Хамас во време на преговори за заложниците, го наруши катарскиот суверенитет и потврди дека Израел нема да повтори ваков напад во иднина”, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Средбата меѓу Трамп и Нетанјаху во Белата куќа, како и извинувањето на израелскиот премиер, се случуваат во период кога Израел е сè повеќе изолиран и ја губи поддршката од многу држави кои долго време беа негови сојузници. Покрај тоа, коалицијата на Нетанјаху изгледа понестабилна од кога било, а Белата куќа покажува знаци на нестрпливост, пренесе Бета.
Откако го пречека Нетанјаху во Белата куќа, Трамп на прашање од новинар потврди дека верува дека наскоро ќе биде постигнат договор за прекин на војната меѓу Израел и Хамас. “Да. Многу сум уверен”, рече Трамп.
Израел изврши воздушен напад на 9 септември врз седиштето на политичкото раководство на Хамас во Катар, каде што водечките личности на оваа палестинска организација се собраа за да го разгледаат американскиот предлог за примирје во Појасот Газа. Никој од високите претставници на Хамас не загина во нападот.
Нападот врз територијата на Катар – американски партнер, земја богата со енергенси во која се стационирани илјадници американски војници и која беше клучен посредник меѓу Израел и Хамас – претставуваше ескалација и ризикуваше да ги загрози преговорите за ставање крај на војната и ослободување на заложниците. За нападот врз Катар, Трамп изјави дека “не е во согласност со интересите ниту на Израел, ниту на САД”.
јт/Фото: Кабинет на Нетанјаху.
Извор: МИА.