Почетна Убавина и здравјеОчекувањата го одредуваат квалитетот на решението – Убавина и здравје

Очекувањата го одредуваат квалитетот на решението – Убавина и здравје

од nenad
2 минути читај за

Не воздржувајте се да побарате стручна помош. Пишувајте ѝ на психотерапевтката м-р Снежана Апостолова на [email protected] (за психо-катче).

Можеби би можеле да ми помогнете во односот со мајка ми, кој никогаш не беше однос на мајка и ќерка, многу повеќе личеше на однос со спонзор, со кого можам да функционирам само на далечина. Проблемот е што јас наскоро ќе мора да живеам со неа шест месеци. Сите се тргаат од неа, затоа што има тежок карактер, површно резонирање и постојано се кара со луѓето. Дури и роднините се на дистанца од неа. Се обидов да разговараме смирено за новата ситуација, но бадијала, секој мој обид заврши со расправија. Дали сметате дека постои можност за решавање на оваа ситуација?

Екатерина, Битола

За секоја проблематична ситуација постои решение, но факт е дека не можеме секогаш да најдеме идеална солуција. Сè зависи од тоа какви очекувања имате. Очекувањата го одредуваат квалитетот на решението.

Вашата мајка ја опишувате како родител со тежок карактер – личност во која најверојатно постојат внатрешни конфликти и фрустрации, кои предизвикуваат лутина. Велите исто така дека таа постојано се расправа со луѓето што ја опкружуваат. На што се должи сето тоа? Секогаш постои причина што води до одредено однесување.


Поврзани објави

Зошто морате да живеете шест месеци заедно? Таа ви е вам потребна или вие сте ѝ потребни нејзе?

Разгледајте ја целата ситуација од различни агли. Вашиот однос мајка – ќерка изгледа секогаш бил ладен. Не мора да продолжи така. Пробајте повторно да разговарате на начин на кој и двете ќе имате можност да го кажете своето мислење, но истовремено и заемно да се разберете. Дајте си простор за самокритика и видете дали можеби и вие некаде грешите и што можете да коригирате.

Во секој случај, размислете кои се тие работи што водат до расправија во текот на вашиот разговор. Обично, кога комуникацијата се одвива на висок тон, со навредливи зборови, цинизам, критика или обвинувања, краен исход е расправија. Другите луѓе не можеме да ги контролираме или смениме, но со менување на сопственото однесување предизвикуваме промена кај другите.

Пред сè, важно е вистински да разберете зошто вашата мајка се однесува на начинот на кој ја опишувате и дали можете некако да ѝ помогнете да го коригира однесувањето. Со тоа ќе добиете појасна слика и ќе можете полесно да процените не само дали туку и какво решение ќе најдете за ситуацијата во која се наоѓате.