За многумина од нас зголеменото консумирање шеќери е еден од најголемите предизвици во исхраната. За тоа придонесуваат многубројни фактори: изобилството слатки што ни се нудат во продавниците, прославите што не можат да се замислат без торти и колачи, фактот дека повеќето прехранбени производи од кои не очекуваме содржат дополнителен шеќер, а доста од нас во слатките пронаоѓаат утеха, награда или лек против меланхолија.
Со консумирањето шеќер, во мозокот се стимулира лачење допамин, невротрансмитер одговорен за чувство на задоволство. Кога нивото на допаминот ќе опадне (што се вели „ми падна шеќерот“), се чувствуваме забавено и безволно, па посакуваме тоа да го „поправиме“ посегнувајќи по нешто слатко, и така во круг – шаблон што е многу сличен на класична зависност. Затоа, еве неколку проверени совети што можете да направите за да не дојде до тоа!
Пијте доволно течности
Некогаш воопшто не сме добри во читање на знаците што ни ги испраќа телото. Па, така, дехидратацијата може да ја „побркаме“ со потребата за слатко. Ако помислите дека мора токму сега да ги изедете токму тие наполитанки, обидете се прво да испиете голема чаша со вода или пригответе шолја зелен чај со половина исцеден лимон, а ако потребата за слатко е ептен голема, додајте и пет капки стевија. Желбата набргу ќе ви помине.
Одржувајте го нивото на шеќерот во крвта стабилно
Овој совет се спроведува многу едноставно: јадете повеќе помали оброци во пократко временско растојание. Пет оброци на секои два-три часа е сосема во ред. Се разбира, важно е и какви се – најважни се протеинските, затоа што заситуваат. Месото, односно животинските протеини се препорачуваат меѓу 11 и 14 часот. Навечер е најдобро оброците да содржат растителни протеини (хељда, просо, киноа).
Поврзани објави
Ферментираните напивки се ваш сојузник
Неколку истражувања покажаа дека ферментираните напивки се најдобар начин не само за намалување на потребата за шеќер туку и за нејзино елиминирање. Покрај јогурт, најдобар избор е кефир, кој има одлично дејство врз имунолошкиот систем и, генерално, врз здравјето на човекот.
Преминете на засладувачи
Нема причина да се плашите од вештачките засладувачи што се наоѓаат во газираните пијалаци и во слични производи, затоа што сите што се наоѓаат на пазарот се детално тестирани со децении и одобрени за човекова употреба. Ако сакате да се засладите целосно природно и без шеќери, тука е стевијата, која има нула калории, не го подига нивото на шеќерот во крвта, а послатка е триста пати.
Не чувајте слатки во домот
Можеби звучи како екстремна мерка, но изреката „далеку од очите – далеку од срцето“ може да се примени и во овој случај – ако нема искушенија, нема опасност да им подлегнете. Овој метод се покажа ефикасен и при одвикнување од купувањето слатки, но и грицки и слични прехранбени продукти. Затоа им се препорачува на сите на кои моќта на волјата не им е силна страна.
Текст: Наташа Човиновска