Почетна ЕкономијаОхридското Езеро ќе се пориби со рекордни 1,6 милиони охридски пастрмки

Охридското Езеро ќе се пориби со рекордни 1,6 милиони охридски пастрмки

од nenad
1 минути читај за

Охридското Езеро годинава се планира да биде порибено со околу 1,6 милиони единки на ендемичниот вид охридска пастрмка, што е за околу 500 илјади повеќе во споредба со минатата година, информираше заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Албрим Хоџа при посетата на Хидробиолошкиот завод во Охрид.

Хоџа, заедно со претставници на Државниот инспекторат за земјоделство, Мирко Укоски и Арбнор Арифи, се запозна со процесот на вештачко размножување на охридската пастрмка и подготовките за порибување на езерото.

-Охридската пастрмка е едно од најголемите богатства на нашето езеро и нејзината заштита е наша заедничка одговорност- истакна Хоџа.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како што беше посочено, ќе продолжи со активностите и институционалната поддршка за заштита, размножување и зачувување на охридската пастрмка како автохтон вид и едно од најзначајните природни богатства на Охридското Езеро. аб/дма/

фото/Министерство за земјоделство/ИЗвор: МИА